Блиски Исток

Иран и Израел наизменично напаѓаат со бранови ракети и беспилотни летала

16.06.2025 14:28

Врие на Блискиот Исток. Иран и Израел наизменично напаѓаат со бранови ракети и беспилотни летала. Жителите во неизвесност минуваат часови во засолништа. Техеран погодува цивилни цели, обвинуваат властите во Тел Авив. Израел најави воздушен удар врз Иран со 200 авиони...

Врие на Блискиот Исток. Иран и Израел наизменично напаѓаат со бранови ракети и беспилотни летала. Жителите во неизвесност минуваат часови во засолништа. Техеран погодува цивилни цели, обвинуваат властите во Тел Авив. Израел најави воздушен удар врз Иран со 200 авиони.

„Ова е резултат на најновиот ракетен напад од страна на Иран врз нашите станбени заедници. Гледаме дека секој од овие напади се насочени кон цивили и нивните домови“, изјави Дин Елсдун, портпарол на израелската полиција.

Иранското МНР предупреди дека безусловната поддршка од западните влади за израелската агресија го загрозува светскиот мир. Техеран побара САД, Велика Британија и Франција да се држат настрана од конфликтот во спротивно новите бази ќе станат легитимни цели. Лондон веќе испрати борбени авиони и друга воена опрема на Блискиот Исток, како поддршка на сојузниците за евентуални операции.

„Неказнувањето на овој режим, заедно со целосната поддршка од Соединетите Американски Држави и западните земји, го води регионалниот и глобалниот мир и безбедност кон невидена закана“, рече Есмаил Бакаеи, портпарол на МНР на Иран.

Американскиот претседател вели дека Израел и Иран треба да постигнат договор, но Макрон тврди дека Русија нема кредибилитет да посредува во конфликтот како што предлага Трамп. Според израелскиот премиер прашањето не е деескалација, туку спречување на Иран да го развива својот нуклеарен капацитет. Техеран решителен, не прифаќа преговори за примирје додека земјата е нападната.

„Техеран гори. Но, ние не велиме кон цивилите, иако им рековме да се евакуираат. Тие, за разлика од нас, напаѓаат и бомбардираат наши цивили насекаде. Ние, се разбира, работиме поинаку“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Во сенка на воените дејствија на Блискиот Исток, Самит на Г 7 во Алберта, Канада.

„Иран е главен извор на регионалната нестабилност и никогаш не може да има нуклеарно оружје. Дипломатското решение останува најдобриот начин на долг рок, за решавање на загриженоста во врска со нуклеарната програма“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.

„Ја изразуваме загриженоста за капацитетите за нуклеарно оружје што претставува закана за безбедноста во регионот. Но, ние, заедно со другите земји партнери сакаме да му дадеме приоритет на дијалогот и дипломатијата“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.

Израел го обвинува Иран за поддршка на происламските милитантни групи во регионот, Хамас и Ал Фатах. Техеран не го признава постоењето на израелската држава.

Маријана Димовска