Тетово

Европски експерти истражуваат автохтони украсни птици

16.08.2014 16:44

Европски експерти деновиве во земјава истражуваат три сорти украсни птици, кои би можеле да бидат стандардизирани како автохтоно македонски. Со тоа за прв пат нашава земја ќе има свои сорти со кои ќе се претставува на европските изложби.

Шарпланинскиот пеач, македонскиот вртач Дунек и Македонската Масарка. Ова се трите сорти украсни птици чии карактеристики ги истражуваат тројца експерти од Хрватска и Белгија.

Резултатот од нивното истражување можно е да биде стандардизација на овие водови и нивно прогласување за македонски автохтони сорти.

„Во западна Европа оваа сорта се нарекова Косовски пеач, но тука е Македонки пеач, во Србија, пак, е Јужносрпски пеач. Тука сме да видиме дали има разлики меѓу овие региони“, вели Енди Леренс, член на Европски сојуз на одгледувачи.

„Апелирам до одгледувачите од овие простори вредно да ги чуваат и пазат птиците. Ние од Европскиот сојуз сме во постојан контакт со македонскиот Сојуз. Ќе одиме и во Косово, ќе ги погледнеме сите птици на едно место, па потоа ќе имаме појасна слика за оваа сорта, која е карактеристична по изгледот и должината на пеењето“, вели Крешимир Сафунџиќ, член на Европски сојуз на одгледувачи.

Кај гулабите веќе се констатирани одредени единсвтени карактеристики што води кон нивно признавање како македонски сорти. Процедурата сепак не е едноставна. За неа понекогаш се потребни години истражување.

„Моја задача е да го набљудувам одгледувањето на гулабите кои би можеле да добијат статус на македонска сорта. Една од нив е Масарката. По она што го видов, има сорти кои потполно се разликуваат од другите“, смета Жељко Шерепац, член на Европски сојуз на одгледувачи.

Активностите за стандардизирање на овие три сорти украсни птици е на иницијатива на македонскиот сојуз на одгледувачи, формиран пред неколку години.

„Увидовме дека едноставно мораме да се почитуваме самите себеси, да ги почитуваме сите наши птици кои ги поседуваме, затоа што сепак е тоа реткост“, смета Ванчо Илиевски, претседател на Сојуз на одгледувачи на Македонија.

Тројцата експерти од Европскиот сојуз ќе посетат и одгледувачи во Прилеп и Охрид. По завршувањето на нивното специфично истражување на Македонија ќе знаеме дали конечно и ние ќе имаме домашни сорти со кои ќе се гордееме на големите европски изложби.

Зоран Јованоски