Македонци бараат да се вратат од Израел
Вкупно 28 македонски државјани досега побарале асистенција за напуштање на територијата на Израел и враќање во земјава. Во тек се активности за нивна скорешна евакуација и трансфер до безбедна локација...

28-мина македонски државјани побарале асистенција за напуштање на Израел и за враќање во Македонија. Станува збор за наши граѓани, информира министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Овие немири ја загрижуваат меѓународната јавност, а граѓаните се евакуираат и се упатуваат кон своите земји.
Министерството за надворешни работи апелира до сите државјани да се воздржат од патувања кон Израел и кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.
Од туристичките агенции велат дека дури и за брзо време да се врати мирот во Израел, граѓаните нема да патуваат таму, поради страв. Секој сака да патува на безбедни дестинации.
За помош и асистенција, граѓаните можат да се обратат во македонската амбасада во Тел Авив и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.
Во меѓувреме, по зголемувањето на тензиите меѓу Израел и Иран, расте и цената на нафтата. За стопанствениците неизвесно е дали конфликтот ќе предизвика ценовен шок во Македонија.
Од Владата велат постојано се следи ситуацијата. Според министерката за финансии, рано е да се каже за евентуални несакани последици, иако глобалните случувања се рефлектираат и кај нас.
Воздушниот простор на Израел е затворен, а авиокомпанијата „Ел Ал Ерлајнс“ ги откажува летовите до 23 јуни. Ограничувањето ќе важи сè додека безбедносната ситуација не се подобри.
Борис Грујоски
