Македонија

Серија земјотреси ги вознемирија охриѓани и туристите

16.06.2025 17:16

Земјотрес со јачина од 3,8 степени по Рихтер рано утрово го стресе Охрид. Земјотресот е регистриран во 4:34 часот, а епицентарот е лоциран на 9 километри североисточно од Охрид…

Серија земјотреси рано утрово ги вознемирија охриѓани и бројните туристи. Тлото се тресеше точно во 4:34 часот со магнитуда од 3,8 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот на земјотресот е лоциран на 9 километри североисточно од Охрид на длабочина од 10 километри.

Нема информации за евентуални штети, но поголемиот дел од граѓаните го почувствуваа земјотресот.

Овој земјотрес ги потсети охриѓани пред осум години, кога во периодот од 18-ти јуни до крајот на август 2017 година, Охридското епицентрално подрачје беше погодено од силна сеизмичка активност изразена преку илјадници земјотреси. Според експертите нема простор за паника.

„Ваков земјотрес можеби може да генерира еве да кажам некој афтер шокови помали кои граѓаните нема да ги осетат, но тој не е голем може ќе остане само овој и нема да има повеќе земјотреси. За разлика од 2017 година кога беше 5,1 5,2 магнитуда и тогаш имавме над 1000 земјотреси практично секој ден имаше голем број. Иако не може да се предвиди дали ќе има нови јас не очекувам сметам дека треба да бидеме мирни. Ваков земјотрес не предизвикува никаква штета само вознемиреност“, истакна Михаил Гаревски, експерт по сеизмологија.

Освен во Охрид, земјотресот е почувствуван и во околните населени места, како и во пограничните делови во Албанија.

Соња Рилковска