Македонија

Три месеци од трагедијата во Кочани, тагата силно се чувствува

16.06.2025 17:41

Тим од седум члена од Гетеборг, Шведска, е во Кочани за меѓусебни дискусии со локалната заедница. Како чин на солидарност по трагедијата во градот, шведскиот тим ќе го сподели своето искуство од пред 27 години – кога исто така се запали дискотека во Гетеборг и загинаа 63 млади лица...

„Пожарот ми го дефинираше сè она што ми се случуваше во животот. Многу од моите другари загинаа во пожарот. Одеднаш имав нови другари. Не бев близок со нив, но се здруживме. Поради пожарот.“ Ова е изјава на преживеан во големиот пожар во дискотека во Гетеборг, Шведска која се случи пред 27 години, со 63 жртви и над 200 повредени. Болката е силна и по скоро три децении од трагедијата, но научивме дека решението е во сплотеноста и поддршката од заедницата. Порака на седумчлената делегација од Гетеборг, кои од денес во Кочани споделуваат свои искуства во справување со тагата

„Ви претстојат тешки денови, тешки години на страдање. Нема брз начин да се преживее оваа состојба. Наше искуство е дека треба да ја споделите секоја мака, грижете се за секого, однесувајте се со сочувство и достоинство и обединете се во градот. Ќе имате добри и лоши денови, но решението е во солидарноста и споделената надеж“, изјави Ларс Лилед, координатор на Центар за поддршка од Гетеборг.

За начините за справување со трагедијата во Гетеборг напишана е книга која е на располагање на кочанчани. Туѓите искуства се од голема помош во оваа колективна траума.

На три месеци од трагедијата, граѓаните велат дека тагата во Кочани силно се чувствува.

Гостите од Шведска во наредните три дена ќе ги споделат нивните искуства во насока на наоѓање модел за долгорочна помош и поддршка на погодените од пожарот во Кочани.

Славица Величковска