Продолжуваат жестоките напади меѓу Израел и Иран
Иран нападна со балистички проектили, сирени за воздушна тревога низ централен и јужен Израел. Израел пак, ја нападна државната телевизиска станица на Иран за време на пренос во живо...

Уште еден ракетен бараж на небото на Блискиот Исток. Сирени за воздушна тревога низ централен и јужен Израел поради напади од балистички проектили од Иран. На цивилите им е наложено да се засолнат до понатамошно известување.
Вчера, Израел ја нападна државната телевизиска станица на Иран за време на пренос во живо.
„Според разузнавачките информации што ги имаме, центарот се користел како платформа за промовирање на воени операции, ресурси и цивилни средства под директно водство и мисија на револуционерната гарда“, изјави Бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.
„Американските сили ја поддржаа израелската агресија. Без оружјето, разузнавањето и политичката поддршка на САД, овој напад не можеше да се случи. Соединетите Американски Држави ја делат одговорноста за овој незаконски чин“, изјави Амир Саид Иравани, постојан претставник на Иран во ООН.
Во интерес на Америка да го поддржи Израел во намерата да ја елиминира нуклеарната програма на Иран, вели израелскиот премиер. Нетанјаху уверува дека нападите ја уназадиле нуклеарната програма. Тој додаде дека Тел Авив не се обидува да ја собори иранската влада, но рече дека нема да биде изненаден ако тоа се случи како резултат на нападите.
„Ние не се бориме само против нашиот непријател. Ние се бориме против вашиот непријател. Скандираат, смрт за Израел, смрт за Америка. Ние сме на нивниот пат. И ова би можело наскоро да стигне до Америка. Посветени се на уништување на нас за да ве уништат вас. Велат дека треба да имаат нуклеарно оружје и балистички ракети за да ви ги достават“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Американскиот претседател Трамп одново побара Иран да преговори за нуклеарната програма и го напушти Самитот на Г 7 порано од планираното. Во меѓувреме, американскиот Нуклеарно погонски носач на авиони, еден од најголемите воени бродови во светот се упати на Блискиот Исток. Претходно, Лондон испрати борбени авиони и друга воена опрема на Блискиот Исток, како поддршка на сојузниците за евентуални операции.
„Тие имаа 60 дена и на 61-от ден реков дека немаме договор. Тие мора да постигнат договор и тоа е болно за двете страни, но би рекол дека Иран не ја добива оваа војна и треба да разговараат веднаш пред да биде предоцна. Секогаш сме го поддржувале Израел. И на Израел му оди многу добро во моментов“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Лидерите на групата 7 со повици за деескалација. Меѓународна агенција за атомска енергија со ново предупредување за опасноста од погрешните потези во конфликтот.
„Воената ескалација го загрозува животот, ги зголемува ризиците за радијација со сериозни последици за луѓето и животната средина. Воедно ја одложува неопходната работа кон дипломатско решение со кое на долг рок би се осигурало дека Иран нема да се здобие со нуклеарно оружје“, изјави Рафаел Маријано Гроси, генерален директор на Меѓународна агенција за атомска енергија.
Техеран побара САД, Велика Британија и Франција да се држат настрана од конфликтот во спротивно новите бази ќе станат легитимни цели. Иранскиот претседател вели дека не сакаат да ја прошират војната со Израел, но ќе одговорат пропорционално на секој напад.
Маријана Димовска
