Блиски Исток

Жестоки напади меѓу Израел и Иран, лидерите на Групата 7 со повици за деескалација

17.06.2025 12:22

Сирени за воздушна тревога низ централен и јужен Израел поради напади од балистички проектили од Иран. Лидерите на Групата 7 со повици за деескалација. Вчера, Израел ја нападна државната телевизиска станица на Иран за време на пренос во живо. Меѓународна агенција за атомска енергија со ново предупредување за опасноста од погрешните потези во конфликтот

Уште еден ракетен бараж на небото на Блискиот Исток. Сирени за воздушна тревога низ централен и јужен Израел поради напади од балистички проектили од Иран. На цивилите им е наложено да се засолнат до понатамошно известување.

Вчера, Израел ја нападна државната телевизиска станица на Иран за време на пренос во живо.

„Според разузнавачките информации што ги имаме, центарот се користел како платформа за промовирање на воени операции, ресурси и цивилни средства под директно водство и мисија на револуционерната гарда“, изјави Бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.

„Американските сили ја поддржаа израелската агресија. Без оружјето, разузнавањето и политичката поддршка на САД, овој напад не можеше да се случи. Соединетите Американски Држави ја делат одговорноста за овој незаконски чин“, изјави Амир Саид Иравани, постојан претставник на Иран во ООН.

Во интерес на Америка да го поддржи Израел во намерата да ја елиминира нуклеарната програма на Иран, вели израелскиот премиер.

„Ние не се бориме само против нашиот непријател. Ние се бориме против вашиот непријател. Скандираат, смрт за Израел, смрт за Америка. Ние сме на нивниот пат. И ова би можело наскоро да стигне до Америка. Посветени се на уништување на нас за да ве уништат вас. Велат дека треба да имаат нуклеарно оружје и балистички ракети за да ви ги достават“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Лидерите на Групата 7 со повици за деескалација. Американскиот претседател Трамп го напушти Самитот во Канада предвреме поради тензиите на Блискиот Исток, откако претходно ги предупреди Иранците да го евакуираат Техеран. Во меѓувреме, еден од најголемите воени бродови во светот, американскиот носач на авиони „Нимиц“ се упати на Блискиот Исток. Претходно, Лондон испрати борбени авиони и друга воена опрема како поддршка на сојузниците за евентуални операции.

„Постојано испраќаме пораки од самиот почеток дека сме во регионот за да ги браниме нашите луѓе и нашите средства. И Израел презеде акција од самоодбрана. Иран, како што рече претседателот, не треба да има нуклеарно оружје. Таа позиција не се промени. Тие можат мирно да се откажат од него. Ние сме силни, подготвени сме, во одбрана сме. Претседателот Трамп се надева дека може да има мир“, изјави Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.

Техеран побара САД, Велика Британија и Франција да се држат настрана од конфликтот во спротивно новите бази ќе станат легитимни цели. Иранскиот претседател вели дека не сакаат да ја прошират војната со Израел, но ќе одговорат пропорционално на секој напад.

Маријана Димовска