Култура

Верим Зендели со изложба во КИЦ Истанбул

17.06.2025 12:01

Изложбата „Откривање на визии II“ на Верим Зендели во македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул

Во галеријата на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул, на 18 јуни (среда), со почеток од 20:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Откривање на визии II“ на уметникот Верим Зендели, кој со своите делa го предизвикува гледачот да се нурне визуелно кон едно длабинско истражување на „внатрешната реалност“ – онаа која се раѓа од умот, чувството и имагинацијата. Неговото сликарство се движи низ слоеви на значења и сензации, откривајќи скриена убавина и создавајќи визуелни наративи исполнети со симболика и емотивна длабочина.

„Наместо да ја преслика надворешната стварност, Зендели создава дела кои ја истражуваат „внатрешната димензија“ – просторот. Преку експресивна техника, динамични композиции и богата колористичка палета, неговите слики ги претвораат обичните предмети во симболички и емоционално набиени визуелни искуства“ - истакнува уметничката критичарка проф. д-р Јелдез Асани, која изложбата ја оценува како „редок визуелен повик кон она што е скриено, а суштинско“.

Изложбата нуди поглед во светот на уметноста каде што формите се губат во апстракција и нео-надреализам, создавајќи амбиент во кој реалното и имагинарното коегзистираат во хармонија. Делата на Зендели не бараат само визуелен одговор, туку и внатрешно учество – тие нè повикуваат да ја пронајдеме убавината во она што често останува скриено и тивко.

„Откривање на визии II“ е второто поглавје на еден личен и уметнички процес што го поставува уметникот како медијатор меѓу видливото и невидливото, меѓу реалноста и духовноста.

Изложбата ќе биде отворена за љубителите на уметноста во просториите на КИЦ – Истанбул, а влезот е слободен. Настанот се одржува во рамките на програмата на Министерството за култура и туризам на Македонија за промоција на македонската современа уметност во Република Турција.