Израел-Иран

Петти ден жестоки напади на Блискиот исток

17.06.2025 14:18

Сирени за тревога ги будат жителите над поголемите градови на централен и јужен Израел, улиците во Техеран празни, откако израелските власти и американскиот претседател побараа иранската престолнина да се евакуира. Иран не може да поседува нуклеарно оружје, не барам прекин на огнот туку вистински крај на конфликтот, уверува шефот на Белата куќа…

Расте тензијата на Блискиот Исток. Сирени за воздушна тревога низ централен и јужен Израел поради напади од балистички проектили од Иран. Цивилите поминаа уште една ноќ во засолништа, кога мислеа дека е готово, одново мораше да се вратат на безбедно.

„30 ракети беа лансирани кон Израел преку ноќ. Повеќето од проектилите беа пресретнати, но беа идентификувани неколку удари. Продолжуваме да напаѓаме во неколку области низ Иран. Важно е да се запомни – нема да дозволиме нуклеарно оружје за иранскиот терористички режим. Ова е целта и ние ќе ја постигнеме“, изјави бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската одбрана.

Центарот на Техеран уште рано утрово почна да се празни откако американскиот претседател повика на итна евакуација на иранскиот главен град. Долги редици на бензинските пумпи, сообраќаен метеж и паника. Трамп го напушти самитот на Г-7 во Канада и вети дека бара вистински крај на конфликтот.

„Не барам прекин на огнот. Бараме нешто подобро од прекин на огнот. Иран не може да има нуклеарно оружје. Многу е едноставно. Нема потреба премногу да навлегуваме во тоа. Тие едноставно не можат да имаат нуклеарно оружје“, рече Доналд Трамп, претседател на САД.

Во интерес на Америка е да го поддржи Израел во намерата да ја елиминира нуклеарната програма на Иран, вели израелскиот премиер.

„Ние не се бориме само против нашиот непријател. Ние се бориме против вашиот непријател. Скандираат, смрт за Израел, смрт за Америка. Ние сме на нивниот пат. И ова би можело наскоро да стигне до Америка. Посветени се на уништување на нас за да ве уништат вас. Велат дека треба да имаат нуклеарно оружје и балистички ракети за да ви ги достават“, нагласи Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Од Иран со став, САД се подеднакво одговори за нападите.

„Американските сили ја поддржаа израелската агресија. Без оружјето, разузнавањето и политичката поддршка на САД, овој напад не можеше да се случи. Соединетите Американски Држави ја делат одговорноста за овој незаконски чин“, рече Амир Саид Иравани, постојан претставник на Иран во ООН.

Во меѓувреме, еден од најголемите воени бродови во светот, американскиот носач на авиони „Нимиц“ се упати на Блискиот Исток. Претходно, Лондон испрати борбени авиони и друга воена опрема како поддршка на сојузниците за евентуални операции. Техеран побара САД, Велика Британија и Франција да се држат настрана од конфликтот, во спротивно нивните бази ќе станат легитимни цели. Иранскиот претседател вели дека не сакаат да ја прошират војната со Израел, но ќе одговорат пропорционално на секој напад.

Маријана Димовска