Калишта зрачи со својата светост и убавина

16.08.2014 17:15

Локалитетот калишта на струшкиот брег од нај убавото езеро зрачи со светост и убавина. Туристичко место кое собрало и богата сакрална историја, по многу нешта единствена во светот.

Одовде погледот кон Охридското Езеро е највеличествен. Чиниш гледаш во најбистрото море. Карпите -надвиснати над ѕиданиот од човечка рака брег, на кој заплискуваат скротените бранови.

Калишта-свето име за пресветото место, познато надалеку, преку сите планини и води. За Калишта чуле  во Австралија, Америка, дури и во древната Кина. Светоста зрачи со сета моќ на прастарите пештерски цркви издлабени во жолтеникавите карпи, на поново- изградените врз древните темели, се препознава во лековитата моќ на водата, воздухот, на занемениот поглед.

И туристите одамна го откриле овој рај. Ако не за долг престој во хотелите, барем на ден, да се наполнат со енергија, свежина, светост, убавина и спокој.

„Има многу цркви и манастири. Не само ова, знаете, целото крајбрежје е со цркви и не се случајно направени овие цркви тука“, вели посетител од Скопје.

„Да, ова е прва наша посета во Македонија и слушнавме за тука од нашите пријатели и многу е убаво со прекрасна природа и пријателски народ“, вели посетител од Холандија.

Овој комплекс на струшкото крајбрежје е познат и како религиозен и како туристички центар. Неколкуте цркви од разни временски епохи сведочат за нашето долговековно опстојување, за неимарската градба на старите мајстори кои од бигорен камен со жешка вар врзале такви грамади во совршени архитектонски градби. Говорат и за прецизната благородна рака на зографите и иконописците, познати и непознати, кои создале божествени дела.

„Најкомплексен и најзначаен објект е црквата„раѓање на пресвета Богородица„ во манастирот Калишта. Тоа верувам дека е најстар култен објект, а она што е особено важно е автентичноста на монашките ќелии кои до ден денешен се сочувани во  во оригинална изворна форма“, вели историчарот Сашо Цветкоски директор на Музејот во Струга.

Ретко кој во поново време влегол во овие келии вдлабени во стените, со една заедничка црква на самиот врв-сведок за начинот на монашкиот живот на ова место во 14-тиот и 15-тиот век. Домаќинот на комплексот на долго ќе ви раскажува за сите цркви на ова место, за првиот монах кој овде дошол во 11-тиот век и спровел континуиран монашки живот, што е реткост  на Балканот, за ходниците и тунелите во кои се тихувало, за да може потоа со чисто срце и испоснички дух да му се служи на Бога. А ќе ви раскаже и за една од двете уникатни икони  во светот.

Во манастирот на рождество на пресвета Богородица во Калишта се наоѓа единствената икона на света Богородица насликана во темни бои. Се верува дека оваа икона има излечителна моќ.

Иконата Калишка или Црна Богородица ја насликал некој монах, во темните монашки келии, со темен лик, според визиите господови. Самиот Бог ја обдарил со чудотворност.

„Последен запис кој што постои за чудотворноста на иконата е од втората светска војна. Имено, фашистичките окупатори кои што беа на оваа територија овде, ја врзале иконата во челични синџири, и неколку пати ја фрлаат сред езеро за да пропадне и да се уништи. Меѓутоа што се случува, како тие ја фрлаат на сред езеро, така иконата се ослободува од синџирите и секогаш се враќа на брегот пред манастирот“, вели Наќе Парталов, домаќин на манастирскиот комлекс Калишта пресвета Богородица.

Овде се е свето. Не само исцелителната вода што извира под црквата посветена на Петар и Павле, туку целиот крај, секој  камен, секоја икона и фреска, царските двери и се во овој комплексен храм зрачи со вознес кој ќе ве опфати со неверојатна силина и  ќе ве натера постојано да навраќате. Ако не физички, тогаш со духот ќе бидете заробени во вечноста на пределот.

Јованчо Наумоски