Од понеделник почнува отписот на долговите

16.08.2014 17:28

Јавниот повик е објавен, бројот на потребните документи е сведен на минимум, и во најголем дел ќе ги обезбедат самите државни институции, за што се пополнува посебна изјава....

Од понеделник во осум почнува поднесувањето на барања за отпис на долговите за најранливите категории граѓани. Ќе се бришат старите обврски за потрошена струја, парно, радиодофузна такса, како и долговите кон банките направени до крајот на минатата година. Јавниот повик е објавен, бројот на потребните документи е сведен на минимум, и  во најголем дел ќе ги обезбедат самите државни институции, за што се пополнува посебна изјава. За да се искористи оваа еднократна можност потребно е граѓанинот да пополни барање со основните податоци и да се наведат обврските кои  бара да му бидат избришани.

„Се носат само основните документи, лична карта, извод од венчани за лица со брачен статус и ако имаат неплатени сметки кон ЕВН да донесат последна сметка што е неплатена, а за долг кон банките во формуларот да наведат кон која банка имаат неплатени обврски”, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Ставрески ги повика сите кои ги исполнуваат условите да се јават во Центрите за социјални работи и да ја искористат оваа единствена можност за отпис на старите долгови.

,,Одма ќе одам во социјално во понеделник да ми се избрише стариот долг, да ми се помогне, да може барем струја да плаќам“, велат нактеиратие социјалци.

Идеата за бришење на долговите на социјално ранливите семејства е добар потег ,сметаат граѓаните и со тоа делумно ќе се санираат нивните финансиски обврски.

,,Во секој случај дека е добра идеата да се помогне на најранливите категории.

,,Aко немаат доволно пари, зошто да не. Ако нема да плати зошто да не му се помогне”, велат анкетираните граѓани.

Законот за еднократен отпис предвидува можноста да ја искористат корисниците на социјална и постојана парична помош, невработените подолго од 12 месеци и лицата изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или потешка болест во потесното семејство во последните 5 години.

Свето Николовски