Тензично и непредвидливо на Блискиот Исток, повици за деескалација на конфликтот
Петти ден жестоки напади на Блискиот Исток. Ситуацијата тензична и непредвидлива. Израел не попушта-нема да дозволат нуклеарно оружје за иранскиот терористички режим. Техеран возвраќа-не го ширете конфликтот, ќе возвратиме на секој удар. Русија предупредува од галопирачка ескалација. Не барам прекин на огнот, туку вистински крај на конфликтот-уверува Трамп. Од Брисел, повици за деескалација на конфликтот…

Тензична и непредвидлива ситуацијата на Блискиот Исток. Израел и Иран продолжуваат со нападите додека цивилите се во неизвесност и страв. Израелците ги полнат засолништата, Иранците бараат излез од Техеран по повиците за итна евакуација на градот.
Тел Авив не попушта, обвинува за удари врз цивилни цели и му се закани на иранскиот лидер. Нема да дозволат нуклеарно оружје за иранскиот терористички режим. Ќе продолжат со нападите додека не ја постигнат целта.
„Испраќам јасна порака до диктаторот во Техеран, Хамнеи: Ако продолжите да извршувате воени акти и да лансирате ракети врз цивилното население во Израел, вашата судбина ќе биде иста како онаа на диктаторот од соседството. Ќе продолжиме да дејствуваме против режимските и воените цели во Техеран“, вели Израел Кац, израелски министер за одбрана.
Иран е подготвен за дипломатија, но ќе возврати на секој удар. Бараат Израел да не го шири конфликтот, обвинувајќи ги САД за поддршка на агресорот.
„Се фокусираме само на воените и економските цели. Иран не бара војна или ескалација, но нема да се двоумиме да го браниме нашиот народ. Американските сили ја поддржаа израелската агресија. Без оружјето, разузнавањето и политичката поддршка на САД, овој напад не можеше да се случи. Тие ја делат одговорноста за овој незаконски чин“, нагласува Амир Саид Иравани, постојан претставник на Иран во ООН.
Во интерес на Америка е да го поддржи Израел во намерата да ја елиминира нуклеарната програма на Иран-ијави израелскиот премиер. По британските борбени авиони и воена опрема, кон Блискиот Исток се упати и американскиот носач на авиони „Нимиц“. Трамп го напушти самитот на Г-7 во Канада и вети дека бара вистински крај на конфликтот, а не само примирје.
„Не барам прекин на огнот. Бараме нешто подобро од прекин на огнот. Иран не може да има нуклеарно оружје. Многу е едноставно. Нема потреба премногу да навлегуваме во тоа. Тие едноставно не можат да имаат нуклеарно оружје“, рече Доналд Трамп, претседател на САД.
Русија предупредува од галопирачка ескалација и повторно понуди посредување.
„Ситуацијата е алармантна и на пат галопирачки да ескалира. Ги повикуваме страните на воздржаност и на мирно политичко и дипломатско решение. Русија е подготвена да обезбеди такви медијаторски услуги. Но, засега не гледаме подготвеност од страна на Израел“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Русија не може да биде посредник во дипломатските разговори, со оглед на нејзината агресија против Украина-велат од Брисел, упатувајќи повици за деескалација на конфликтот.
„Сите се согласивме за итната потреба од деескалација. Иран не може да има нуклеарна бомба, а дипломатијата е решението за да се спречи ова. ЕУ ќе ја одигра својата улога“, изјави Каја Калас, министерка на ЕУ за надворешна политика.
И покрај апелите за смирување на тензиите, засега нема знаци за напредок во дипломатијата. Техеран побара САД, Британија и Франција да се држат настрана од конфликтот, во спротивно нивните бази ќе станат легитимни цели.
Бојана Крстевски
