Денеска завршува првиот уписен рок за полуматурантите во средните училишта
Денеска завршува првиот уписен рок за полуматурантите во средните училишта и досега се поднесени 13 илјади апликации. Министерството очекува околу 17 илјади ученици да се запишат во средно образование во првиот уписен рок …

Над 13.000 ученици се пријавиле за упис во средно училиште. Денес е последен ден за поднесување апликации од јунскиот уписен рок. Интересот за стручно образование е сè поголем. Директорот на средното училиште „Владо Тасевски“ вели дека очекуваат голем интерес со оглед на фактот дека во последниве три години се повеќе ученици се одлучуваат за една од нивните струки бидејќи покрај наставата учениците посетуваат и практика кај реномирани компании.
Од Министерство за образование очекуваат во првиот уписен рок да се запишат помеѓу 16-17 илјади ученици, а во конкурсот се предвидени 28 илјади места. 18 и пол илјади места се за стручно, за гимназиско се околу 8000. Преостанатите се за уметничко и за математичка гимназија.
Од Министерството за образование и наука уверуваат дека системот функционира и дека учениците немаат проблем со пријавувањето, односно со доставувањето на документи. Единствен проблем имаат оние ученици коишто го заборавиле пасвордот па истите тие бараат помош од своите наставници или од Министерството за образование.
„Потсетуваме дека пријавувањето е електронски и се спроведува преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, каде учениците се најавуваат со сопствените кориснички сметки на schools.mk. Истовремено, реагираме и ги демантираме натписите во дел од медиумите, каде е наведено дека системот отежнато функционира или целосно е блокиран“, се вели во соопштението од Министерството.
Второто пријавување е на 30-ти јуни, додека конечните ранг листи по двете пријавувања, училиштата ќе ги објават на 2-ри јули.
Ана Јосифоска
