Не запираат меѓусебните напади меѓу Израел и Иран
Не запираат меѓусебните напади меѓу Израел и Иран. Тел Авив вели дека нема да дозволи развој на нуклеарно оружје, Техеран се заканува дека ќе возврати на секој удар. Најголемите светски сили будно следат за да не се прошири конфликтот. Американскиот претседател Трамп не бара прекин на огнот, туку вистински крај на војната. И од Брисел повици за деескалација на војната...

Сирени за воздушен напад и ноќва одекнаа низ Израел. Иранските медиуми тврдат дека нивните воени сили лансирале повеќе ракети. Тел Авив објави дека нема безбедно место на Блискиот Исток.
„Нема повеќе безбедни засолништа на Блискиот Исток, ова не е мисија, ова е реалност. Она што сега важи за лидерите на Хамас во Газа, она што важи за лидерите на Хезболах во Бејрут, ова сега важи и за високите функционери на иранскиот режим“, изјави Бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.
Ирански воен лидер вети дека Израел наскоро ќе биде сведок на повеќе напади и им порача на жителите на Тел Авив и Јафа да се евакуираат.
„Операциите спроведени досега беа само предупредување и одвраќање. Наскоро ќе биде спроведена казнена операција. Немојте да бидете жртви на животинските желби на Нетанјаху“, изјави Генерал Абдул Рахим Мусави, началник на здружениот штаб на вооружените сили на Иран.
Израел тврди дека сеопфатниот напад врз иранските воени лидери од петокот е неопходен за да се спречи противникот да се приближи до изградба на атомско оружје. Стејт Департментот будно ја следи состојбата.
„Стејт департментот ја формираше работната група за Блискиот Исток за да помогне во координирањето на поддршката за граѓаните на САД, нашите дипломатски мисии и персонал и дипломатскиот ангажман. Издадовме повеќе од 30 безбедносни предупредувања до земјите во регионот и ги ажуриравме патните совети за Ирак и Израел“, изјави Тами Брус, портпаролка на Стејт департментот.
Францускиот претседател Макрон од самитот на Г 7 предупреди дека насилниот притисок за промена на режимот во Иран ќе предизвика хаос и дополнително ќе го дестабилизира Блискиот Исток.
„Не за воените дејствија насочени кон промена на режимот – затоа што никој не знае што следува. Зарем колективно не ги видовме последиците што ги имаше ова во регионот и пошироко? Дали некој мисли дека она што беше направено во Ирак во 2003 година беше добра идеја? Дали некој мисли дека она што беше направено во Либија изминатата деценија беше добра идеја? Не!“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Еден од најголемите воени бродови во светот, американскиот носач на авиони „Нимиц“ го смени курсот и се упати на Блискиот Исток. Претходно, Лондон испрати борбени авиони и друга воена опрема како поддршка на сојузниците при евентуални операции.
Маријана Димовска
