Македонија

Осум македонски државјани, меѓу кои четири деца, евакуирани од Израел

18.06.2025 12:13

Првата група Македонци кои бараа евакуација од Израел пристигнаа во Скопје. Ништо веќе не е сигурно, раскажаа за деновите минати во страв и опасности по разгорување на конфликтот. Уште дваесетина наши државјани чекаат да се отвори воздушниот простор да бидат евакуирани од аеродромот во Тел Авив...

По денови минати во страв и неизвесност, првата група од осуммина македонски државјани кои ја напуштија воената зона во Израел, се вратија дома. Владиниот авион ги донесе од Шарм Ел Шејк, каде што беа евакуирани по ескалацијата на судирот меѓу Израел и Иран.

Весна и нејзиното семејство отишле туристички, во посета на роднина, но се нашле среде конфликт. Вели, најтешко било да останеш смирен кога крај себе имаш деца. Најстрашно било навечер, кога се слушале експлозии и истрели.

„Преку ден не беше толку опасно како навечер. Имавте каде да се засолните? Во хотелот бевме заштитени, меѓутоа беше многу непријатно, особено затоа што бевме со деца. Патот беше долг, но знаевме каде доаѓаме и супер поминавме“, рече Весна Нешиќ, туристка.

Се вратија дома, но сè уште ги носат звуците од сирените и погледите на оние кои останаа таму.

Со нив и Фемие Шаини, сопруга на македонскиот амбасадор во Израел. Ништо веќе не е сигурно, вели таа, ниту за дипломатите.

„Патот беше страшен, бидејќи беше долг. Тргнавме изутрина, поминавме преку Египет. Благодарение на нашето министерство, кое го организираше враќањето дома, во Македонија. Таму ситуацијата е тешка, последните денови беше сериозна“, изјави Фемие Шаини, сопруга на македонскиот амбасадор во Израел.

Во Израел сè уште има македонски граѓани – за нив неизвесноста продолжува. Дваесетина ќе чекаат да се отвори воздушниот простор и да бидат евакуирани од аеродромот во Тел Авив. Според проценките на МНР, на израелска територија има околу 100-тина македонски државјани, а дипломатите се во постојан контакт со оние кои ќе одлучат да останат таму. Македонија е меѓу првите земји во Европа кои организираа безбедно враќање на наши сограѓани од конфликт-зоната на Блискиот Исток.

Андријана Ѓурческа