Не запираат нападите, нема безбедно место на Блискиот Исток
Сирени за воздушен напад одново и одново низ Израел по континуираните напади од Иран. Иранската револуционерна гарда тврди дека последната рунда ракетни напади го означува „почетокот на крајот“ за воздушната одбрана на Израел...

Десетици жртви и над 200 повредени откако израелски тенкови отворија оган врз толпа луѓе што чекале помош во Кан Јунис. Нема безбедно место на Блискиот Исток, објави израелската армија и најави истрага за инцидентот. Сирени за воздушен напад одново и одново низ Израел по континуираните напади од Иран.
„Нема повеќе безбедни засолништа на Блискиот Исток, ова не е мисија, ова е реалност. Она што сега важи за лидерите на Хамас во Газа, она што важи за лидерите на Хезболах во Бејрут, ова сега важи и за високите функционери на иранскиот режим“, изјави бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.
Иранската револуционерна гарда тврди дека последната рунда ракетни напади го означува „почетокот на крајот“ за воздушната одбрана на Израел.
„Вечерашниот ракетен напад покажа дека постигнавме целосна доминација над небото на окупираните територии и дека нивните жители сега се целосно беспомошни од иранските ракетни напади“, рече полковник, Иман Таџик, портпарол на операцијата Вистинско ветување 3.
Од почетокот на конфликтот државјани на Иран, но и странци преку Азербејџан заминаа во матичните земји. Меѓу евакуираните се претставници на дипломатскиот кор и нивните семејства, како и луѓе што работат во различни области во Иран. Стејт Департментот будно ја следи состојбата.
„Стејт департментот ја формираше работната група за Блискиот Исток за да помогне во координирањето на поддршката за граѓаните на САД, нашите дипломатски мисии и персонал и дипломатскиот ангажман. Издадовме повеќе од 30 безбедносни предупредувања до земјите во регионот и ги ажуриравме патните совети за Ирак и Израел“, изјави Тами Брус, портпаролка на Стејт департментот.
Се чека потегот на американскиот претседател Трамп, дали американските воени средства ќе се искористат за напад врз иранските нуклеарни постројки или ќе се спроведе дипломатско решение за прекин на конфликтот. Францускиот претседател предупреди дека насилниот притисок за промена на режимот во Иран ќе предизвика хаос и дополнително ќе го дестабилизира Блискиот Исток.
„Не за воените дејствија насочени кон промена на режимот – затоа што никој не знае што следува. Зарем колективно не ги видовме последиците што ги имаше ова во регионот и пошироко? Дали некој мисли дека она што беше направено во Ирак во 2003 година беше добра идеја? Дали некој мисли дека она што беше направено во Либија изминатата деценија беше добра идеја? Не!“-нагласи Емануел Макрон, претседател на Франција.
Еден од најголемите воени бродови во светот, американскиот носач на авиони „Нимиц“се упати на Блискиот Исток. Претходно, Лондон испрати борбени авиони и друга воена опрема како поддршка на сојузниците при евентуални операции.
Маријана Димовска