Конфликтот меѓу Израел и Иран ќе има импликации врз економијата
Цените на нафтените деривати на берзите скокаат. Ќе има ли нов бран поскапувања поради конфликтот на Блискиот Исток?

Македонската економија можно е да биде погодена по конфликтот меѓу Израел и Иран, а тоа ќе се почувствува врз цената на нафтата, велат економистите. Секој потрес на глобалните берзи може да доведе до несакани ефекти.
Стопанството смета дека мора да имаме долгорочна стратегија, за да не се соочуваме со последици. Дополнителен проблем, според бизнисмените, е тоа што Македонија е увозно зависна земја.
Од Владата велат дека ја следат состојбата и не чекаат да се случи нешто за да се преземат мерки. Заменик-министерот за економија вели дека сега нема место за паника.
Ако продолжи воениот конфликт меѓу Иран и Израел можно е да има подгревање на инфлацијата, а тоа е лошо за Македонија оти ќе се зголемат производните трошоци на бизнисите, оценува академик Таки Фити.
По стартот на војната помеѓу Израел и Иран, цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години, тие пораснаа за повеќе од 4% во само еден ден.
Борис Грујоски
