Листеријата ја зеде петта жртва

16.08.2014 18:35

На инфективната клиника почина 46 годишниот маж од Неготино, во тешка состојба и приклучен на апарати за дишење две недели се бореше со бактеријата...

Смрттоносната листерија ја зеде и петта жртва. На инфективната клиника почина 46 годишниот маж од Неготино, во тешка состојба и приклучен на апарати за дишење две недели се бореше со бактеријата.

„Пациентот кој што беше третиран во единицата за интензивна нега на клиниката за инфективно болести изминативе 13 дена кај кој што имав најава во текот на вчерашниот дека покажува први знаци на лесно клиничко подобрување за жал пред неколку часа почина на клиниката. Тоа е уште еден пациент со листерија што заврши со фатален исход“. рече д-р Звонко Миленковиќ, дирекотр на Инфективна клиника.

За здравствените власти нема дилема дека изворот на листерија е во производите „Екстра Меин“. Сите заболени јаделе сувомеснати производи од оваа компанија. Ќе се прави генотипизација и на приозводите кои ги консумирала 16 годишната девојка од Неготино. Жена сама побарала продукт од истата компанија кој го јадела да биде испитан заради нејзиното и здравјето на нејзиното дете.

„Овој примерок на отворен сувомеснат производ кој што консумирала госпоѓата бил испратен на испитување на Ветеринарниот факултет каде што исто така е детектирана листерија. Земете ги сите овие докази и факти и мислам дека најмала елементарна логика е доволна за да се извлече соодветен заклучок“, рече Никола Тодоров, министер за здравство.

Тодоров вели очекувано е мострите кои што инспекторите ги зеле од фабриката на „Екстра Меин“ да бидат негативни поради фактот машините буквално биле потопени во средство за дезинфекција.  Досега во земјава од оваа бактерија починаа пет лица, а десетмина заболеа.

На состанокот на Комисијата за заразни болести освен што беше разговарано за листеријата се зборуваше и за еболата, здравствените власти кажаа дека се набавени скафандери за тимовите коишто се во прв контакт со заболените, а дополнително ќе бидат набавени и скафандери и за медицинските лица.

Андрија Атанасовска