Ослободителни пресуди за четворица од обвинетите за двојното убиство на Вања и Панче побараа нивните бранители
Ослободителни пресуди за грабнувањето и убиството на Вања и Панче побара одбраната на четворица од обвинетите. Велат, Обвинителството кое бара доживотен затвор не приложило доволно докази . В петок продолжува судењето со завршни зборови на одбраната на првообвинетиот Палевски.

На завршните зборови на одбраната, адвокатите на обвинетите за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски побараа ослободителни пресуди за своите клиенти. Обвинението против Александар Ѓорчевски е во целост неосновано, неаргументирано, паушално и засновано на претпоставки кои не наоѓаат своја поткрепа во доказите на Обвинителството. Одбраната докажа дека токму неосновано обвинетиот Александар како татко на детето Вања е жртва и оштетен во оваа постапка заедно со мајката Зорица и неговото семејство и докажа дека тој во критичниот период постапил на начин на кој би постапил секој родител во ситуација кога се трага и бара неговото исчезнато дете, порача во завршен збор бранителот на таткото на Вања, адвокатот Владимир Туфегџиќ, и побара судот да го ослободи од обвинение.
Адвокатот на обвинетиот Велибор Манев, Горан Бошевски, побара судот да го ослободи неговиот клиент Манев од обвиненијата за убиствата, а да остане само обвинението и да биде казнет само за грабнувањата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски.
Одбраната на обвинетите Боре Видевски и Влатко Кешишев, исто така, побара ослободителни пресуди. Според нив обвинителството не приложило ниту еден материјален доказ и вербален доказ дека нивните клиенти го сториле грабнувањето и грозоморните убиства.
Завршен збор треба да даде и одбраната на обвинетиот Љупчо Палевски.
На изминатото рочиште основното јавно обвинителство во завршните зборови побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Палевски, Кешишев, Видевски и Манев, додека, за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.
Во обвинението стои дека Палевски, Видевски, Манев, Кешишов и Ѓорчевски заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „Ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.
Игор Панов