Продолжуваат нападите на Блискиот Исток, се чека потегот на Трамп
Се разгорува ситуацијата на Блискиот Исток, нема безбедно место во регионот – тврди израелската армија. Се чека потегот на САД, воено или дипломатско решение. Воената интервенција ќе предизвика непоправлива штета – предупредува иранскиот лидер. На фронтот расте бројот на жртви и повредени...

Десетици жртви и над 200 повредени по израелски тенковски оган врз толпа луѓе кои чекале помош во Кан Јунис. Нема безбедно место на Блискиот Исток, објави израелската армија и најави истрага за инцидентот. Сирени за воздушен напад одново и одново низ Израел по континуираните напади од Иран.
„Нема повеќе безбедни засолништа на Блискиот Исток, ова не е мисија, ова е реалност. Она што важи за лидерите на Хамас во Газа, за Хезболах во Бејрут, сега важи и за високите функционери на иранскиот режим“, изјави Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.
Иранската револуционерна гарда тврди дека последната рунда ракетни напади го означува „почетокот на крајот“ за воздушната одбрана на Израел. Се чека потегот на Трамп-приклучување кон израелските напади врз нуклеарни постројки на Иран или дипломатско решение. Нема да се предадеме во конфликтот со Израел, а воената интервенција на САД ќе предизвика непоправлива штета-предупреди ајатолахот Хамнеи.
„Вклучувањето на Америка во ова би било 100% на нејзина штета. Штетата што би ја претрпела би била многу поголема од она што Иран евентуално би ја претрпел. Штетата за Америка, доколку се вклучи воено, без сомнение би била непоправлива штета“, зиави Ајатолахот Али Хамнеи • врховен лидер на Иран.
Со среќа-порача шефот на Белата куќа, истакнувајќи дека го охрабрил Нетанјаху да продолжи со нападите не откривајќи ја својата одлука. Сепак, посочи дека ништо не е предоцна кога станува збор за дипломатско решение.
„Никој не знае што ќе правам. Иран има многу проблеми и сака да преговара. Зошто не преговаравте со мене пред сите овие уништувања. Многу е доцна за зборување. Не знам – има голема разлика сега и пред една недела. Но ништо не е готово додека не заврши. Војната е многу сложена. Се прават многу пресврти“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Анкара и Москва со осуда за израелските напади и предупредување до САД дека директната воена помош за Израел радикално ќе ја разниша ситуацијата. Насилниот притисок за промена на режимот во Иран ќе предизвика хаос – дециден францускиот челник.
„Не за воените дејствија насочени кон промена на режимот – затоа што никој не знае што следува. Зарем колективно не ги видовме последиците? Дали некој мисли дека она што беше направено во Ирак во 2003-та, и во Либија изминатата деценија беше добра идеја? Не!“, порача францускиот претседател, Емануел Макрон.
Американскиот носач на авиони „Нимиц“ веќе е упатен кон Блискиот Исток, откако Лондон претходно испрати борбени авиони и воена опрема како поддршка на сојузниците. Во истовреме се зголемува листата со земји кои ги евакуираат своите граѓани од регионот.
Бојана Крстевски
