Блискиот Исток го тресе светот
Очите на светот свртени кон Блискиот Исток, конфликтот меѓу Израел и Иран се разгорува. Техеран за првпат лансираше хиперсонична ракета, Тел Авив возвраќа. Неизвесно дали и како ќе реагираат САД. Не се исклучува дури ниту можноста од американски напад врз Иран…

Врие на Блискиот Исток. Десетици цивили повредени во најновиот бран ирански напади врз Израел. Оштетени повеќе цивилни згради и медицински центар во Бершеба. Техеран тврди-целеле кон седиштето на разузнавачката команда на Израелската армија, во близина до објектот.
„Засега имаме околу 20 повредени. Зградата сè уште се пребарува, тоа е повеќекатница и ќе биде потребно време за да се прегледа“, изјави Елад Клајн, израелски полицаец.
Тел Авив возвраќа со напади во областа во близина до иранскиот нуклеарен реактор во Кондаб. Погодени објекти за производство на ураниумски центрифуги и компоненти за ракети.
„Два непријателски проектила ја погодија областа околу реакторот за тешка вода Арак. Нема контаминација во регионот бидејќи беа преземени потребните безбедносни мерки. Локацијата е евакуирана и за среќа не се пријавени човечки жртви и повредени“, соопшти репортер на Иранската државна телевизија.
Нетанјаху продолжува со реториката за отстранување на иранската закана, по јавната поддршка од Трамп.
„Го напаѓаме режимот на Ајатолахот со голема сила. Напаѓаме нуклеарни инсталации, ракети, командни центри. Во исто време, интензивните борби во Појасот Газа продолжуваат додека не ги вратиме сите дома и Хамас конечно не биде поразен. Му се заблагодарувам на Трамп за тоа што стоеја покрај нас и за поддршката на САД во помошта во одбраната на небото над Израел“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Шефот на Белата куќа и натаму тактизира. Ги одобри плановите за напад врз Иран, но сè уште не донел конечна одлука. Вели – вратата за преговори и натаму е отворена. Американската војска на готовс.
„Имам идеи што да правам, но не сум донел конечна одлука. Би сакал да ја донесам една секунда пред да биде извршена. Не сакам да се мешам, но веќе 20 години велам дека Иран не може да има нуклеарно оружје. Мораа да потпишат документ. Беа многу блиску. Претпоставувам дека тоа сè уште може да се случи, тие сакаат да дојдат и да ме видат, а тоа е голема изјава“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Нема да се предадеме во конфликтот со Израел, а воената интервенција на САД ќе предизвика непоправлива штета-предупреди претходно Ајатолахот Хамнеи. Од Обединетите Нации со апели за деескалација и враќање на преговарачка маса.
„Апелираме до сите да избегнат понатамошна интернационализација на конфликтот. Секакви дополнителни воени интервенции би можеле да имаат огромни последици, не само за вклучените, туку и за целиот регион и за меѓународниот мир и безбедност воопшто“, изјави Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ООН.
Русија повторно понуди посредување за запирање на конфликтот додека земјите продолжија со евакуација на жителите од непредвидливиот регион.
Бојана Крстевски
