Трамп тактизира, не открива дали ќе го нападне Иран или ќе бара дипломатско решение
Врие на Блискиот Исток. Израел и Иран со нов бран меѓусебни напади. Техеран за првпат лансираше хиперсонична ракета, Тел Авив возвраќа. Шефот на Белата куќа и натаму тактизира. Го охрабри Нетанјаху да продолжи со нападите, но не ја открива својата одлука-ќе се приклучи ли кон израелските напади врз иранските нуклеарни постројки или ќе бара дипломатско решение. Американската војска подготвена за наредбите на Трамп...

Врие на Блискиот Исток. Израел и Иран со нов бран меѓусебни напади. Техеран за првпат лансираше хиперсонична ракета, Тел Авив возвраќа. Погодени објекти за производство на ураниумски центрифуги и компоненти за ракети-соопшти израелската војска.
„Борбени авиони летаат над местата за лансирање и складиштата за ракети земја-земја. Напаѓаме оперативци кои се враќаат и се обидуваат да изнесат муниција од местата што претходно беа цел“, изјави Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.
Шефот на Белата куќа и натаму тактизира. Го охрабри Нетанјаху да продолжи со нападите, но не ја открива својата одлука-ќе се приклучи ли кон израелските напади врз иранските нуклеарни постројки или ќе бара дипломатско решение. Американската војска подготвена за наредбите на Трамп.
„Имам идеи што да правам, но не сум донел конечна одлука. Би сакал да ја донесам една секунда пред да биде извршена. Не сакам да се мешам, но веќе 20 години можеби и подолго велам дека Иран не може да има нуклеарно оружје. Мораа да потпишат документ. Беа многу блиску. Претпоставувам дека тоа сè уште може да се случи, тие сакаат да дојдат и да ме видат, а тоа е голема изјава“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Нема да се предадеме во конфликтот со Израел, а воената интервенција на САД ќе предизвика непоправлива штета-предупреди претходно ајатолахот Хамнеи. Нетанјаху благодарен за американската поддршка да продолжи со отстранувањето на заканата од Иран. Во исто време, продолжува и офанзивата во Појасот Газа.
„Напредуваме чекор по чекор. Го напаѓаме режимот на ајатолахот со голема сила. Напаѓаме нуклеарни инсталации, ракети, командни центри и симболите на режимот. Во исто време, интензивните борби во Појасот Газа продолжуваат. Ќе продолжиме додека не ги вратиме сите дома и додека Хамас конечно не биде поразен. Му се заблагодарувам на Трамп за тоа што стоеја покрај нас и за поддршката на САД во помошта во одбраната на небото над Израел“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Генералниот секретар на ОН, Гутереш, изјави дека е длабоко вознемирен од ескалацијата на конфликтот и предупреди дека е против какви било дополнителни воени интервенции на Блискиот Исток.
