Блиски исток

Нетанјаху: Ќе ја наплатиме целосната цена од тираните во Техеран

19.06.2025 14:58

„Ќе ја наплатиме целосната цена од тираните во Техеран“ – се закани Нетанјаху откако ирански проектили погодија болница во израелската област Бершеба. Техеран, пак, обвинува за израелски напади во близина на иранскиот нуклеарен реактор во Кондаб. Шефот на Белата куќа тактизира – одобри планови за напад врз Иран, американската војска на готовс. Ќе одговориме на агресорите-се закани Техеран. Обединетите нации апелираат за деескалација и враќање на преговори …

Врие на Блискиот Исток. Десетици цивили повредени во најновиот бран ирански напади врз Израел. Оштетени цивилни објекти и болница во Бершеба. „Ќе ја наплатиме целосната цена од тираните во Техеран“ – се закани Нетанјаху. И наложи на војската да ги интензивира нападите врз стратешките цели во Иран.

„Ако навистина сакате да ја видите иднината, како Евреите и муслиманите и сите религии работат заедно и се почитуваат меѓусебно, вклучувајќи ги и Палестинците од Јудеја, Самарија и Газа, дојдете тука и ќе ја разберете иднината. За иднината, треба да се бориме, да ја промениме реалноста, а тоа значи да се зададе посилен удар на главата на змијата што седи во Техеран“, изјави Исак Херцог, претседател на Израел.

Техеран тврди-цел било седиштето на разузнавачката команда на израелската армија, во близина до објектот. Обвини за израелски напади во близина на иранскиот нуклеарен реактор во Кондаб. Погодени објекти за производство на ураниумски центрифуги и компоненти за ракети.

„Два непријателски проектила ја погодија областа околу реакторот за тешка вода Арак. Нема контаминација во регионот бидејќи беа преземени потребните безбедносни мерки. Локацијата е евакуирана и за среќа не се пријавени човечки жртви и повредени“, соопшти репортер на Иранската државна телевизија.

Шефот на Белата куќа тактизира – одобри планови за напад врз Иран, но конечна одлука нема. Порачува-вратата за преговори е сè уште отворена. Американската војска на готовс.

„Имам идеи што да правам, но не сум донел конечна одлука. Би сакал да ја донесам една секунда пред да биде извршена. Не сакам да се мешам, но веќе 20 години велам дека Иран не може да има нуклеарно оружје. Мораа да потпишат документ. Беа многу блиску. Претпоставувам дека тоа сè уште може да се случи, тие сакаат да дојдат и да ме видат, а тоа е голема изјава“, изјави Доналд Трамппретседател на САД.

Иран со повторно предупредување до САД. Нема да има друга опција освен да ги користи своите алатки за да им одржи лекција на агресорите и да се одбрани, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Иран. Обединетите Нации апелираат за деескалација и враќање на преговори.

„Апелираме до сите да избегнат понатамошна интернационализација на конфликтот. Секакви дополнителни воени интервенции би можеле да имаат огромни последици, не само за вклучените, туку и за целиот регион и за меѓународниот мир и безбедност воопшто“, нагласи Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ООН.

Русија останува отворена за медијација во конфликтот додека земјите продолжија со евакуација на жителите од непредвидливиот регион.

Бојана Крстевски