Политика

Партиите тактизираат околу настапот на локалните избори

19.06.2025 16:21

Владејачките партии од македонскиот блок таинствени во однос на имињата, потврдија дека се интензивираа дијалогот. Имињата на своите кандидати, СДСМ ќе ги објави оваа недела. Имињата се мистерија и во албанскиот табор...

Кој кого ќе поддржи на локалните избори, а во кои општини ќе се трча со сопствени кандидати и листи, засега не се открива. Владејачките партии од македонскиот блок таинствени во однос на имињата, но потврдија дека се интензивираа дијалогот и најавија соработка на есенското одмерување на силите. Премиерот вели дека со партијата на Димитриевски разговарале за заемна поддршка на кандидати, лидерот на ЗНАМ кој ќе се бори за нов мандат во Куманово ја потврди соработката, но Мицкоски додаде дека листите за советници ќе ги креираа секој за себе.

Имињата на своите кандидати за триесетина општини СДСМ ќе ги објави оваа недела, информираше партискиот претседател Филипче, а до крајот на месецот ќе бидат познати профилите на сите оние кои претендираат да седнат во градоначалничките фотелји.

Имињата се мистерија и во албанскиот табор. Коалицијата „Вреди“ на изборите ќе трча со една партија помалку, откако Арбен Таравари го напушти бродот и одлучи да настапи сам. Дали ќе има соработка со Европскиот фронт, засега не е познато, но според најавите викендов интегративците ќе имаат состанок со двете крила на Алијанса во обид да се постигне договор за заемна соработка и поддршка на кандидатите.

Анита Димитријевска – Велковска