Инцидент во Советот на Општина Кочани
Физичка пресметка изби на денешната 65-та седница на Советот на Општина Кочани, откако претходно во вербална расправија влегоа советниците Аки Акиов и координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мирче Стојков. Повредена е вработена во општинската администрација...

Денешната седница на Советот на Општина Кочани наместо да понуди решение за бројните проблеми во Општината, прерасна во арена за физичка пресметка. Во расправата по точката за меѓуопштинска соработка советникот Аки Акиов прво влезе во вербална расправа со советникот Мирче Стојков, по што се обиде физички да се пресмета со него. Притоа со шише со вода ја удри и повреди правничката во општинската администрација.
Случајот е пријавен во кочанската полиција.
„Денеска околу 13.00 часот во Полициската станица пријавено е дека за време на одржување на седница на Советот, по претходно недоразбирање, А.А. советник во Советот на општината се обидел физички и со тврд предмет да го нападне, но бил спречен од присутните, по што фрлил шише со вода кон него, но во лице погодил вработена во општината, која била пренесена во здравствена установа за укжаување помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од МВР.
Повредената е однесена во кочанската болница, извршена е компјутерска томографија и е однесена е на лекување во болницата во Штип. Вршителот на должност градоначалник, Венко Крстевски го осуди инцидентот, но и опструкциите во работата на Советот на Кочани.
Од советничката говорница денес во Кочани беше кажано дека во градот постои правна несигурност, а целата состојба со трагедијата и вчерашниот притисок за расчистување со дивоградбите, само ја засили напнатата атмосфера во градот.
Славица Величковска
