Финансии

Владата го усвои предлог-ребалансот на буџетот, инвестициите остануваат приоритет

19.06.2025 18:09

Во Владата, усвоен предлог-ребалансот на буџетот. Проектирани зголемени приходи, но и расходи. Повеќе пари ќе има за плати, за пензии, за општините. Буџетскиот дефицит останува непроменет, инфлацијата има нагорен тренд и се очекува да се стабилизира…

Со ребалансот на буџетот за 2025-та нема да има промена кај клучните економски проекции. Останува проекцијата за економскиот раст од 3,7 проценти и инфлација од 2,8 отсто, што е зголемување од претходните 2,2. Најмногу ќе се крати од трошоците на Владата, а најголем дел има прераспределба за инвестициите.

Ќе се зголемат платите на полицијата, која доби зголемување од 10 проценти. Ќе бидат зголемени средствата и за Министерството за одбрана, за набавките предвидени по планот за оваа година. Ќе се финансираат и проекти за развој на општините, здравството, а се планира и зголемување на пензиите од септември.

Со ребалансот, инфлацијата треба да се задржи на 2,8 отсто, но поради растот на цената на горивата ќе се интервенира со мерки за да нема зголемување на цените на производите, вели министерката за финансии.

Нема да расте јавниот долг, вели првата финансиерка. Останува на 62,1 процент.

Ирина Гелевска