Кризата се продлабочува, Израел и Иран продолжуваат со меѓусебните напади
Врие на Блискиот исток, кризата се продлабочува. Израел и Иран продолжуваат со меѓусебните напади. Го менуваме лицето на светот, тврди израелскиот премиер Нетанјаху. Претседателот Трамп не исклучува дикретно вклучување на САД во интервенцијата врз Иран. На Техеран му даде рок од две недели за постигнување договор. Иран, пак, се заканува со затворање на Ормитскиот теснец…

Не мирува тлото на Блискиот Исток. Експлозии одново одекнуваат во Израел и Иран. Техеран со нов масовен напад, повторно удри во Бершеба, израелските сили нападнаа во северозападен Иран. Тел Авив решен да оди докрај да ја уништи иранската нуклеарна програма, со или без помош на САД.
„Реков дека ќе го промениме лицето на Блискиот Исток, сега велам-го менуваме лицето на светот. Решен сум да ги постигнеме сите наши цели. Одлуката на Трамп дали сака повторно да се придружи е негова. Тој ќе го направи она што е добро за САД, а јас она што е добро за Израел. Секоја помош се разбира е добредојдена“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Трамп сериозно размислува да се приклучи кон израелските напади врз Иран, но очигледно и дава предност на дипломатијата. Нуди двонеделен прозорец за разговори во надеж дека Техеран ќе попушти под постојаните израелски напади.
„Имам порака директно од претседателот, цитирам: Врз основа на фактот дека постои значителна веројатност за преговори кои можеби можат да се случат со Иран во блиска иднина, одлуката дали да се приклучам или не, ќе ја донесам во следните две недели“, рече Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Русија, пак, тврди дека Иран е подготвен за преговори со САД под услов Израел да ги прекине нападите. Го предупредија Вашингтон да не се мешаат во израелско-иранскиот конфликт.
„Воена интервенција на Вашингтон би бил исклучително опасен чекор со непредвидливи негативни последици. Русија ги забележува јасните изјави од иранската страна за нејзината посветеност на своите обврски од Договорот за неширење на нуклеарно оружје и подготвеноста да ги обнови контактите со САД за изнаоѓање можни решенија во врска со нуклеарната програма на Техеран, под услов Израел да ги прекине своите напади“, изјави Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи.
Во Женева, нуклеарни разговори меѓу Иран и Европа. Францускиот шеф на дипломатијата Баро ја потврди подготвеноста за продолжување на разговорите, вклучително и со САД, под услов да може да се постигне прекин на огнот.
„Постои подготвеност за продолжување на разговорите, вклучително и со САД, под услов да се постигне прекин на огнот. Ние сме подготвени да ги продолжиме преговорите, под услов тие да доведат до трајни, суштински чекори назад од страна на Иран во однос на неговата нуклеарна и балистичка програма и неговите активности за дестабилизација на регионот“, нагласи Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.
Истовремено Иран размислува за блокирање на Ормускиот Теснец, стратешки важен поморски премин низ кој поминува околу 20 насто од дневната светска потрошувачка на нафта.
Бојана Крстевски
