Трамп не ја исклучува воената опција, но и дава шанса на дипломатијата
Непредвидлива ситуацијата на Блискиот Исток. Израел и Иран повторно разменуваат удари. Го менуваме лицето на светот - Нетанјаху решен да ја уништи иранската нуклеарна програма. Трамп не ја исклучува воената опција, но и дава шанса на дипломатијата. Ќе одлучи во следните две недели. Во Женева нуклеарни преговори Иран - ЕУ. „Топката е кај Техеран“-европските министри подготвени за преговори, Иран одбива додека израелските напади не прекинат.

Не мирува тлото на Блискиот Исток. Експлозии одново одекнуваат во Израел и Иран. Техеран повторно удри во Бершеба, израелските сили возвратија во северозападен Иран. Тел Авив решен да оди докрај да ја уништи иранската нуклеарна програма, со или без помош на САД.
„Реков дека ќе го промениме лицето на Блискиот Исток, сега велам-го менуваме лицето на светот. Решен сум да ги постигнеме сите наши цели. Одлуката на Трамп дали сака да се придружи е негова. Секоја помош се разбира е добредојдена“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Трамп не исклучува можност за напад врз Иран, но дава предност на дипломатијата во надеж дека Техеран ќе попушти под постојаните израелски напади.
„Имам порака директно од претседателот, цитирам: Врз основа на фактот дека постои значителна веројатност за преговори кои можеби можат да се случат со Иран во блиска иднина, одлуката дали да се приклучам или не ќе ја донесам во следните две недели“, изјави портпаролка на Белата куќа, Каролин Ливит.
Во Женева нуклеарни разговори Иран-ЕУ. Европските министри подготвени за дипломатија доколку постои сериозна подготвеност од Техеран да даде гаранции за неговите нуклеарни и ракетни програми.
„Обединетото Кралство, Франција, како и високата претставничка на ЕУ се подготвени за продолжување на разговорите, но само ако Иран е сериозно подготвен да се откаже од какво било збогатување на нуклеарен материјал кој би довел до нуклеарно оружје, вклучително и ракетната програма. Топката сега е на нивниот терен“, порача Јохан Вадефул, министер за надворешни работи на Германија.
Шефот на иранската дипломатија категоричен-нема да преговараме со никого додека Израел продолжува со напади.
„Додека нападите на ционистичкиот режим продолжуваат, не бараме преговори со никого. Храбриот отпор на нашите сили постепено ги открива лажните претпоставки на непријателот дека со серија жестоки удари би можеле да ја принудат иранската нација да се предаде“, истакна Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
МААЕ потврди дека има оштетувања на клучните објекти во иранскиот погон во Хондаб по синоќешните израелски напади. Русија загрижена, тврди дека Иран ќе преговара со САД ако Израел ги прекине нападите.
„Воена интервенција на Вашингтон би бил исклучително опасен чекор со непредвидливи негативни последици. Русија ги забележува јасните изјави од иранската страна за нејзината посветеност да ги обнови контактите со САД за изнаоѓање можни решенија во врска со нуклеарната програма на Техеран, под услов Израел да ги прекине своите напади“, изјави Марија Захарова, портпаролка на министерството за надворешни работи на Русија.
САД и Иран преговараа речиси два месеца за нуклеарната програма со посредство на Оман, сè до израелскиот напад минатиот петок. Техеран сега размислува да го блокира Ормускиот Теснец – клучен за 20% од светската нафтена трговија.
Бојана Крстевски
