Трет ден не работат блоковите во РЕК Битола, активно се работи на надминување на проблемот
Трет ден не работи ниту еден од трите блокови на најголемиот државен производител на струја, откако се случи пожар во близина на ормарот за електрично управување на Блок 2. Од комбинатот информираат дека и денеска активно се работи на оспособување на овој ормар и надминување на проблемите, со што повторно би се синхронизирал со електричната мрежа …

Трет ден како не работи ниту еден од блоковите на најголемиот државен производител на струја, откако во средата се случи пожар во близина на ормарот за електрично управување на Блок 2. Од комбинатот информираат дека и во текот на денешниот ден активно се работи на оспособување и надминување на овој проблем со што повторно би се синхронизирал со електричната мрежа. За причините за пожарот сè уште се чека извештај од СВР Битола.
Се вложуваат и максимални напори за повторно ставање во функција на Блок 3, кој плански беше исклучен пред неколку дена. Моментално вработените во РЕК работат на негово чистење, за кое задолжена беше надворешна фирма, на која ѝ истече договорот. На јавен повик донесена е одлука за избор на нова фирма. Во тек е и редовниот годишен ремонт на термоблокот 1.
Во меѓувреме снабдувањето со електрична енергија се постигнува преку зголеменото производство од хидроелектраните на АД ЕСМ, како и од претходно набавена електрична енергија преку МЕМО.
Александра Максимовска
