Битола

Сточарите од Пелагонија на протест во Битола, бараат средба со министерот Трипуновски

20.06.2025 14:21

Пелагониските сточари и покрај тоа што деновиве ги добија субвенциите за сточарство до 2024-та година денеска го одржаа најавениот мирен протест пред подрачното одделение на Министерството за земјоделие. Го поздравуваат овој потег, но велат имаат забелешки што нема зелена нафта, млекарниците откупната цена на млекото ја намалиле за денар до два, а и на неполн месец до жетвата не се знае откупната цена на житото. Побараа средба со министерот Трипуновски...

Иако деновиве ги добија субвенциите за минатата година за обележано грло, пелагониските земјоделци не го откажаа денешниов мирен протест. Велат, моменталните проблеми во сточарството се големи. Револтирани се што нема уште ништо од зелената нафта и ветените 1.600 хектари за распределба на фармерите. Сепак, револтот е најголем што откупната цена на млекото млекарниците ја намалија за еден до два денари, што исто така ќе се одрази на субвенциите за првиот квартал од оваа година.

Иста мака ги тишти и одгледувачите на овци. Велат, побаруваат средства и за минатата година. Напомнуваат дека доколку не ги добиваат субвенциите навреме и редовно како и сточарските, така и овчарските стада ќе продолжат да се намалуваат.

Побараа што поскоро средба со министерот Трипуновски, да се изнајдат заеднички решенија. Возбудата е голема што житните култури ќе дадат богат род, а откупната цената е засега ниска.

Стевче Митревски