Македонија

Детските одморалишта на истокот оставени на забот на времето

22.06.2025 12:22

Изградени во времето на Југославија, добар дел од детските одморалишта во државата со децении се нефункционални и во фаза на пропаѓање. Се врши процена на вредноста на шест детски одморалишта, по што Владата ќе одлучи како ќе стопанисува со овие објекти. Во источниот регион од пет детски одморалишта, само објектот на поранешното одморалиште на Пониква е функционален …

Детски џагор со децении нема во одморалиштата во источниот регион. Запоставени и руинирани, чекаат решение од секоја власт. Малешево – репрезентативното одморалиште на Беровско Езеро пропаѓа на очиглед на сите. Слична е состојбата и со одморалиштето во Суви Лаки – Беровско. Безуспешни се напорите на локалната власт да ги санира и менаџира објектите.

Во тек е утврдување на вредноста на шест детски одморалишта во државата, меѓу кои е и беровското. Откако Бирото за процени ќе заврши, владата ќе одлучува за иднината на овие објекти.

Одморалиштето на планината Голак стои запуштено, слична е состојбата и со детското одморалиште на Плачковица, кое е во владение на УГД, со идеја да прерасне во тренинг центар, но сè уште стои неискористено.

Славица Величковска