Блиски Исток

Израел и Иран не престануваат со меѓусебните напади

21.06.2025 12:25

Блискиот Исток на работ на амбисот. Израел и Иран не престануваат со меѓусебните напади. Небото над двете земји во изминатата ноќ осветлено од стотици ракети. Сирените за тревога се огласија во делови од централен Израел...

Блискиот Исток на работ на амбисот. Израел и Иран не престануваат со меѓусебните напади. Небото над двете земји во изминатата ноќ осветлено од стотици ракети. Сирените за тревога се огласија во делови од централен Израел, вклучувајќи ги и Тел Авив и Западниот брег. Израел изврши бран напади врз локации за складирање и лансирање ракети во Иран. Од Техеран, пак, тврдат дека бил погоден и нуклеарен погон во Исфахан.

„Рано изутрината ционистичкиот режим изврши напади на врз неколку точки во Ленџан, Мобараке, Шахреза и Исфахан. Меѓу нив, беа вклучени и два напади врз нуклеарната централа Исфахан“, изјави Акбар Салехи – заменик гувернер на Исфахан.

Засега нема изгледи за дипломатско решение на конфликтот, откако разговорите на европејците со Иран во Женева завршија неуспешно. Иран се изјасни дека одбива секакви преговори со Вашингтон додека траат нападите од Израел. Во меѓувреме, САД интензивно распоредуваат воени авиони на Блискиот Исток, откако американскиот претседател Трамп постави двонеделен рок до Техеран да потпише договор за нуклеарната програма. Иранскиот министер за надворешни Арагчи предупреди дека би било многу опасно за целиот свет доколку САД активно се вклучат во војната.

„Она што го правиме во моментов е остварување на нашето легитимно право на самоодбрана од чинот на агресија, кој е извршен против нас неиспровоциран и на многу брутален начин. За жал, слушнавме дека САД може да се приклучат на оваа агресија, тоа би било многу жално и мислам дека би било многу, многу опасно за сите“, изјави Абас Арагчи – ирански министер за надворешни работи.

Израелско-иранската војна може да го запали огнот што никој нема да може го контролира, предупреди генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на вонредната седница на Советот за безбедност. Расправата беше жестока, со меѓусебни обвинувања.

„Не може да ги негираме очигледните факти. Всушност Израел го нападна Иран во пресрет на планираната рунда разговори меѓу Вашингтон и Техеран“, рече Васил Небензја – постојан претставник во ООН на Русија.

„Иранските лидери можеа да го избегнат конфликтот доколу се согласеа на договор што ќе ги спречеше да се здобијат со нуклеарно оружје, но тие одбија да го сторат тоа“, возврати американската претставничка во ООН, Дороти Шеа.

Во Истанбул нов обид за изнаоѓање решение. Министрите за надворешни на Арапската лига расправаат за состојбата на Блискиот Исток и запирање на војната меѓу Израел и Иран.

Маја Стојанова