Ден на Охридското езеро

Загадувањето и урбанизацијата закана за Охридското Езеро

21.06.2025 17:24

Загадувањето, урбанизацијата, масовниот туризам и големиот број на пловни објекти се клучните закани со кои денес се соочува најголемото и најзначајното езеро во Европа. Ова се дел од пораките на експертите на Денот на Охридското Езеро …

Според нив негативно влијание има и искористувањето на езерото за производство на електрична енергија, со што се предизвикуваат неприродни флуктуации на нивото на езерото, а се врши деградација на големиот број живеалишта на ендемичните видови. Експертите велат, потребна е поголема одговорност.

„Езерото заслужено го понело епитетот едно од уникатните најзначајните езера во светот и заслужено е ставено на листата на УНЕСКО како природно пред сè наследство. Мораме да бидеме свесни овој ден е само еден мал придонес во тоа колку ние треба да го потенцираме значењето на езерото меѓутоа и колку треба да вложуваме. Не само во подигање на јавната свест колку е значајно туку исто така и постојано секој ден секој од нас да делува во насока на заштита на животната средина“, вели Орхидеја Тасевска, директорката на ЈНУ Хидробиолошки завод-Охрид.

„Да го чуваме езерото за идните генерации да направиме се што е во наша моќ да го намалиме притисокот од урбанизацијата, загадувањето без оглед дали се органски или неоргански материи. Да размислуваме за екосистемски пристап за заштита на езерото заштитувајќи го воедно и Преспанското Езеро и поголем удел и влијание на граѓанството“, изјави Душица Илиќ Боева, научник од Хидробиолошкиот институт.

Охридското Езеро последните години е под силен удар и на климатските промени.

„Во последниот период можеме да забележиме една појава којашто драстично се одразува на делот во водите нагло зголемување на количините на врнежи или долг сушен период што исто влијае и на нивото на Охридското Езеро на тој начин влијае и на биодиверзитетот на Охридското Езеро и на рибниот фонд и на целокупниот растителен свет во Охридското Езеро“, изјави Маријан Главинчески, екологист.

Денот на Охридското Езеро се одбележува од 2000-та година, кога трите крајезерски општини Охрид, Струга и Поградец потпишаа меморандум за разбирање и заштита на езерото.

Соња Рилковска