Започна со работа рехабилитациониот центар на Пониква
Во одморалиштето на Пониква се сместуваат пациентите од пожарот во Кочани. Ќе имаат физикална терапија, при лекувањето ќе бидат под надзор на домашни, но и странски лекари …

Далеку од градската врева и жештина, повредените од пожарот во Кочани добиваат медицинска нега во адаптираниот комплекс за рехабилитација на Пониква. Под лекарски целодневен надзор ќе добиваат физикална терапија и услуги од физијатар, а ќе може да вежбаат јога и аеробик. Првата група опфаќа 46 мина повредени. Не сакаа да зборуваат пред камерата, но велат дека се задоволни од можноста да се рехабилитираат на планина, а за потребите што ги имаат и предизвиците со кои се соочуваат, ги известиле надлежните.
Во меѓувреме се реновира и одделот за физикална терапија во кочанската болница кој треба целосно да се модернизира за 3 до 4 недели. Болницата ќе се зајакне и со пулмолози од Скопје кои ќе ги прегледуваат настраданите, а на располагање ќе имаат и психолошка поддршка.
58 повредени веќе добиле компресивна облека, а наскоро ќе добијат уште 14 лица. Оваа облека освен што ги заштитува изгорениците од сонцето, им помага на пациентите полесно да ги реализираат секојдневните активности.
Анита Димитријевска – Велковска
