Обвинителство

Истрага за службеник за помагање на двојното убиство

21.06.2025 18:21

Вработениот во Народна банка под истрага за помагање на сторител за убиствата на Вања и Панче. Обвинителството отвори посебен предмет, велат не влијае на пресудата за двојното убиство најавена за среда…

Основното јавно Обвинителство покрена истрага за помагање за вработениот во Народната банка, член на партијата на Љупчо Палевски, „Десна“, кој беше посочен од Велибор Манев како човекот кој го зел ранецот со пиштолот и моторолите – клучни докази за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Од обвинителството уверуваат дека новата истрага, не влијае врз судската постапка за двојното убиство кое е во завршна фаза.

„Согласно исказот на еден од обвинетите, сега осомничениот помогнал со прикривање на орудијата со кои се извршени кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор. По пренесени инструкции од првообвинетиот, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој се наоѓало огнено оружје пиштол – со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил од партијата. Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени“, велат од Обвинителството.

Со цел обезбедување на осомничениот до завршување на постапката, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд достави предлог за определување мерки на претпазливост – привремено да му се одземе патната исправа, како и повремено да се јавува во судот.

Од Кривичен потврдуваат дека судот го прифатил предлогот и на осомничениот му се изречени мерки за претпазливост.

Вработениот во НБРМ беше посочен од обвинетиот Манев како задолжен од Љупчо Палевски да го уништи ранецот во кој бил пиштолот и моторолите, користени да се киднапираат и убијат Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

За двојното убиство обвинети се петмина. Пресудата ќе биде изречена на 25-ти овој месец.

Велешанецот Жежовски беше убиен на 22-ти ноември 2023-та, а скопјанката Ѓорчевска на 27-ми ноември. Обвинителството побара доживотен затвор за сите обвинети, Палевски, Манев, Видевски и Кешишев. Обвинет е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, за помагање во грабнувањето на неговото дете.

Борис Грујоски