Туризам

Претсезоната во Охрид не ги исполни очекувањата

22.06.2025 13:07

Иако претсезоната во Охрид е при крај, според експертите таа минала поскромно од очекувањата, бидејќи прогнозите дека ќе допатуваат голем број туристи не се исполниле. Лошите временски услови и високите цени, особено во индивидуалните сместувачки капацитети од кои дел се нудеа и до осумдесет евра за апартман, придонесоа да се намали интересот за македонскиот бисер. Но, и покрај тоа се очекува во шпицот на сезоната да се надополни пропуштеното во мај и јуни, се разбира со попристојни цени и подобра услуга.

Лошата ценовна политика придонесе бројот на туристите во претсезоната во Охрид да биде под очекувањата. Иако крајот април и почетокот на мај ветуваа многу, наглото зголемување на цените, особено во индивидуалните сместувачки капацитети кои беа поскапи за 40 до 50 проценти споредено со лани го намалија интересот на туристите, велат експертите. Иако станоиздавачите подоцна започнаа да ги намалуваат цените дури за 50 проценти, сега недостигаат туристи.

„Многу е тешко вие да направите за многу кратко време во туризмот, да создадете, да реализирате некој ефект. Не може од денес за утре да се прават некои работи коишто понатака ќе резултираат со еден домино ефект во негативна конотација“, изјави проф. д-р Климент Наумов – Факултет за туризам и угостителство Охрид.

Единствено добро поминаа станоиздавачите кои работеа со ланските цени.

„Нашите студија ги издаваме по 15 евра од човек или 30 за двајца. Гостите што доаѓаат кај мене велат што е во градов, многу високи цени. Цените не се реални во Охрид што ги редат, дека од 15 евра повеќе станоиздавачи нема потреба да издаваат“, вели Трајче Ставрески – станоиздавач.

На севкупната посетеност на Охрид големо влијание имаа лошите временски услови во претсезоната и намалениот број на авионски летови.

„За жал Албанија се повеќе зема од тој колач, но пак некоја среќа е тоа што Албанија, сите тур-оператори како морално нешто го продаваат Охрид. Но, тука треба многу паметно да изиграме и нашите чинители и нашата политика да ја скроиме така да направиме да останат тука барем една ноќ“, додава професорот Наумов.

Наумов верува дека јули и август ќе поминат далеку подобро, а голем придонес за севкупната туристичка сезона ќе дадат новите емитивни зони Франција и Германија, од каде што се најавени четириесет илјади туристи.

Сашо Нелоски