Дивоградби

Куманово: На листата за уривање дури 600 објекти

22.06.2025 13:49

На листата за уривање во Куманово се дури 600 објекти. Дел од нив се угостителски објекти. Но првиот човек на Куманово не прецизира дали ќе го следи примерот на општина Струмица. Поучен од минатото, вели уривањето чини многу, а средствата тешко се враќаат.

Над 600 објекти се на листата за извршување, уривање во Општина Куманово, покажале контролите на општинските инспектори. Меѓу нив и угостителски објекти.

Првиот човек на Куманово не одговори колкав број од нив се кафулиња и ресторани. Тој не прецизираше ниту дали ќе го следи примерот на Струмица со ослободување на јавните површини. За извршување на објекти Куманово годинава одвои речиси пет милиони денари. Но поучен од минатото, кумановскиот градоначалник потсети дека уривањето на угостителски објекти на плоштадот, општината ја чинеле над милион денари, средства коишто не успеале да ги вратат.

„Тој тендер претходно неколку пати паѓаше на постапка, но сега во моментов е на сила и што се однесува инспекцијата кај нас согласно нивна листа за приоритет како ќе ја дефинираат може да постапува и да извршува“, нагласи Димитриевски.

По трагедија во Кочани, и зајакнатите контроли на институциите, голем број угостители ја повлекоа урбаната опрема од јавните површини. Но по одреден период, масите и столчињата повторно ги вратија на тротоарите.

„Од аспект на градежна инспекции и комунални инспекција за сите објекти во Општина Куманово се направени увид и точно оние коишто не ги исполнуваат условите се известени дека треба да ја дислоцираат урбаната опрема. Морам да констатирам дека поединечни угостители си продолжуваат по старото“, дополни Димитриевски.

Граѓаните постојано бараат да се ослободат јавните површини, за да можат слободно да се движат.

Во Куманово функционираат над сто угостителски објекти.

Елена Георгиевска