Ескалира кризата на Блискиот исток

САД директно се вклучи во израелско-иранската војна, Иран се закани со одмазда

22.06.2025 12:32

Американскиот претседател Трамп не го испочитува од него наметнатиот двонеделен ултиматум и донесе одлука САД директно да се вклучи во израелско-иранската војна, напаѓајќи ги трите главни нуклеарни постројки на официјален Техеран.

Ескалира кризата на Блискиот исток. Американскиот претседател Трамп не го испочитува од него наметнатиот двонеделен ултиматум и донесе одлука САД директно да се вклучи во израелско-иранската војна, напаѓајќи ги трите главни нуклеарни постројки на официјален Техеран. Ова е спектакуларен воен успех, рече американскиот претседател Трамп во обраќањето од Белата куќа, предупредувајќи го Иран дека ќе се соочи со посилни воени напади доколку не се согласи на траен мир. Израелскиот премиер Нетанјаху му честиташе на Трамп за „смелата одлука“.

„Наша цел беше уништување на капацитетот за нуклеарно збогатување и запирање на нуклеарната закана од Иран, држава која претставува број еден во светот -спонзор на теророт. Можам да му соопштам на светот дека нападите беа спектакуларен воен успех. Клучните објекти за нуклеарно збогатување на Иран се целосно и тотално уништени. Иран, насилникот на Блискиот Исток, сега мора да склучи мир. Ако не го сторат тоа, идните напади ќе бидат многу посилни“, изјави Трамп.

„САД се приклучија кон нападите на израелските одбранбени сили и Мосад со поголем интензитет за уништување на нуклеарната програма на Иран. Оваа програма го загрозува нашето постоење, како и мирот во целиот свет. Му честитав на претседателот, на американските пилоти и на американскиот народ. Претседателот Трамп е силен лидер на слободниот свет“, нагласи Нетанјаху.

Иран се закани со одмазда. Властите во Техеран предупредија дека американските напади ќе имаат трајни последици. Бараат итен состанок на Советот за безбедност во Обединетите нации. Иранската паравоена револуционерна гарда, пак, соопшти дека употребила 40 моќни ракети во најновите напади врз Израел, вклучувајќи ја и Корам-Шахр-4, способна да носи повеќе боеви глави.

„Во оваа операција, за првпат беше употребена нова генерација балистички ракети со повеќе боеви глави. Беа применети нови и изненадувачки тактики за постигнување поголема прецизност и деструктивна моќ. Но, главните оперативни капацитети на вооружените сили на Исламска Република Иран сè уште не се употребени во оваа света војна“, изјави полковник Иман Таџик – портпарол на операцијата „Вистинско ветување 3“.

Организацијата за атомска енергија на Иран потврди дека се извршени напади врз нуклеарните постројки во Фордо, Исфахан и Натанц, но тврди дека нејзината нуклеарна програма нема да биде запрена.

Маја Стојанова