Македонија

Зголемен обемот на работа на болниците во Охрид

22.06.2025 15:45

Туристичката сезона го зголеми обемот на работа во охридските болници. Најчесто се хоспитализираат повредени во сообраќајни несреќи. Според полицискиот биланс зголемен е бројот на жртви во сообраќајни несреќи, а пешаците и велосипедистите се најзагрозената категорија …

Стартот на туристичката сезона го зголеми бројот на пациенти во охридските болници. Најчесто се хоспитализираат повредени од сообраќајни несреќи. Потоа повредени на плажа, давеници или со повреди од тепачки.

Од Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“, велат подготвени се кадровски да одговорат на зголемените потреби од интервенции и оперативни зафати.

„Во моментов лекарски сме одлично екипирани на врвно ниво е здравствената услуга секако имаме потреба од дополнителни специјалности анестезиолози и сестрински кадар. Меѓутоа во моментов сме во можност да ги апсорбираме и се надевам летово добро ќе одговориме на сите потреби на градот“, изјави Хари Шокароски, директор на Специјалната болница „Свети Еразмо“-Охрид.

Според полицискиот биланс, зголемен е бројот на жртви во сообраќајни несреќи, а пешаците и велосипедистите се најзагрозената категорија.

„Во врска со сообраќајната култура во Охрид може да кажам дека воопшто ја нема. Основните сообраќајни правила не се почитуваат од страна ниту на возачите, ниту пешаците, ниту велосипедистите.“

„Од страна на возачите воопшто не се почитуваат. Сум се почувствувал доста загрозен поготово на пешачки премин. Не сака да застани, а гледа дека стар човек врви, не сака да застане.“

„Јас постар се плашам, недај Боже да се случат случки. Мора да внимаваш во ова време“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Статистичките податоци покажуваат дека во текот на 2024 година на подрачјето ан СВР Охрид се случиле 280 сообраќајни несреќи со пет жртви.

Соња Рилковска