Јорданската принцеза Рим Али за МТВ: Воениот конфликт го засега целиот свет, во соседството владее страв
Сите заедници сме погодени, нема контрола врз оваа ситуација, опасно е, стравуваат и жителите во соседните земји – за Македонската телевизија вели принцезата Рим Али од Јордан. Вели, поради разгорување на конфликтот на Блискиот Исток и сè поголема неизвесност со војната во Украина, многу граѓани веќе одбегнуваат и да патуваат…

Воените конфликти на Блискиот Исток го засегаат целиот свет, но стравот најмногу владее меѓу оние што живеат во соседните земји. Се соочуваме со многу предизвици, но не треба да се откажеме, вели за МТВ јорданската принцеза Рим Али.
„Зошто инвестираме во оружје кога би можеле да инвестираме во цивилно општество, градење алатки за мир и дијалог едукација, борба против дезинформации. Сето ова ни е потребно итно и многу, во регионот. Она што се случува во Украина, има влијание врз целиот регион. Она што се случува со Палестина и Израел е во центарот на нашиот регион. Не се однесува само на Блискиот Исток, ги засега сите. Сите заедници се погодени од ова“, вели принцезата Рим Али.
Принцезата Али вели дека не е лесно во овие опасни времиња да сте соседи на завојуваните земји. Но, порачува никој да не се обесхрабрува да придонесе за мир преку разговор и разбирање.
„Ова е опасно соседство, не е лесно да се имаат вакви соседи, и тажна сум бидејќи поради ова многу луѓе не можат да се движат, да разменуваат искуства и да учествуваат во дијалогот. Мислам дека во последните часови беа убиени 80 луѓе кои се обидувале да стигнат до храна. Замислете да се откажеме, тоа би било уништувачко“, вели принцезата Рим Али.
Таа ги повика граѓанските организации да се мобилизираат за да наметнат дијалог и покрај сите предизвици.
Фиљана Кока
