Пуштен во употреба патот Богданци – Гевгелија
Македонската градежна оператива ќе биде на тест дали ќе може да ги реализира сите градежни точки. Вака кажа премиерот Христијан Мицкоски кој заедно со вицепремиерот Николоски и директорот на Државни патишта, Трајановски го пуштија во функција патот Богданци-Гевгелија во вредност од 5 милиони евра …

На околу 1.500 позиции ќе се гради периодов во земјава, што од унгарскиот заем, што од домашни буџетски пари. На тест ќе биде македонската градежна оператива. Од таа причина, во петок во Владата ќе имаат средба со македонскиот градежен сектор за да се прецизира динамиката на реализацијата на сите градилишта.
Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски кој заедно со вицепремиерот Александар Николоски и директорот на Државни патишта, Коце Трајановски го ставија во функција патот Богданци-Гевгелија.
Овој патен правец ќе придонесе побрз локален економски развој во Богданци, Дојран, Гевгелија, кажа министерот за транспорт и врски Александар Николоски. Реконструкцијата на патот Богданци-Гевгелија беше барање на жителите на овие две општини, бидејќи истиот беше тесен со многу дупки и нерамнини, заради што се случуваа голем број сообраќајки.
Ване Трајков
