СДСМ критикува, власта обвинува за наследеното
Јазикот и идентитетот се веќе потврдени, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој на партиска трибина по повод една година од конституирањето на владата ја обвини власта дека нема искрена намера да ја интегрира земјава во Европската унија. Премиерот Мицкоски, пак, одговори дека се санираат штетите од погубните политики на СДСМ, а гордоста на граѓаните се враќа. Првиот човек на владата е дециден дека нема да се прифатат договори што го загрозуваат македонскиот идентитет …

Јазикот и идентитетот се целосно потврдени во сите документи што ги изработи владата на СДСМ, а кои се дел од францускиот предлог, па така обидот на актуелната владејачка гарнитура да ја подобри преговарачката позиција на земјава во европските интеграции е голема лага, смета лидерот на социјалдемократите Филипче. Тој е на став дека власта не е искрена во намерата да ја интегрира земјава во ЕУ.
Една година по изборите кои го испратија СДСМ во опозиција, партијата на Филипче ги оцени како катастрофални политиките на власта. На партиската трибина посочија дека државата не оди напред, а граѓаните се понижени. Чувството на гордост на граѓаните се враќа, затворавме дупки и правиме исплата на она што го наследивме од опозициската СДСМ, вели премиерот Мицкоски. Нема прифаќање на билатерални договори и спогодби кои се на штета на македонскиот идентитет. Тој очекува силна поддршка од Европскиот парламент и покрај обидот на Бугарија, земјава да прикаже во измислена реалност.
Премиерот истакна дека на сите средби во Берлин, Брисел, Лондон или Вашингтон државата ќе се бори за да ја каже вистината што ја чувствуваат граѓаните.
Анита Димитријевска – Велковска
