Стравувања регионалниот конфликт на Блискиот Исток да прерасне во глобален
Нападите на САД се опасна ескалација, рече генералниот секретар на Обединетите нации, оценувајќи дека постои ризик конфликтот набрзо да излезе од контрола, со катастрофални последици за цивилите, регионот, но и за светот.

Американските напади врз нуклеарните постројки во Иран предизвикаа стравувања од поширок регионален конфликт и загрозување на светскиот мир и поредок. Нападите на САД се опасна ескалација, рече генералниот секретар на Обединетите нации, оценувајќи дека постои ризик конфликтот набрзо да излезе од контрола, со катастрофални последици за цивилите, регионот, но и за светот.
„Нема воено решение. Единствениот пат напред е дипломатијата. Единствената надеж е мирот“, нагласи генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта изрази загриженост поради состојбата на Блискиот исток. Ги повик сите страни на воздржаност и дипломатија. Европретставничката за надворешна политика Каја Калас упати апел за итно враќање на преговарачкиот процес. За утре најавија вонреден министерски состанок. Германскиот канцелар Мерц, пак, го повика Иран веднаш да се врати на преговорите со САД за изнаоѓање дипломатско решение за конфликтот. И британскиот премиер Стармер го повика Иран да се врати на преговарачка маса, истакнувајќи дека стабилноста во регионот е приоритет.
„Мојот фокус е на деескалација на ситуацијата, справување со заканата што ја претставува оваа нуклеарна програма, но и на наведување на страните да седнат на маса за да преговараат за исход од ова“, изјави Кир Стармер – премиер на Обединетото Кралство.
Загриженост од вмешувањето на САД во иранско-израелската војна искажаа и Јапонија и Нов Зеланд.
„Деескалацијата на ситуацијата што е можно поскоро е она што сметаме дека е најважно. Во исто време, развојот на иранското нуклеарно оружје мора да се спречи. Сè уште не сум добил извештаи за какви било влијанија врз снабдувањето со енергија на Јапонија, но ќе го следам развојот со чувство на итност и ќе ги преземам сите мерки на претпазливост соодветно“, рече Шигеру Ишиба, јапонски премиер.
„Тековните воени дејствија на блискиот исток се исклучително загрижувачки и од клучно значење е да се избегне понатамошна ескалација. Нов Зеланд силно ги поддржува напорите за дипломатија. Ги повикуваме сите страни да се вратат на разговорите. Дипломатијата ќе донесе потрајно решение отколку понатамошните воени дејствија“, изјави Винстон Питерс – министер за надворешни на Нов Зеланд.
Реакција и од турското министерство за надворешни. Анкара предупреди дека американскиот напад врз Иран може да го претвори регионалниот конфликт во глобален.
Мира Пиштолова
