Јанакиевски ги повика сопствениците на чамци да ги легализираат до 3 септември
Во рамки на посетата во Охрид, Јанакиевски ги повика сопствениците на чамци кои не се легализирани да ги легализираат до 3 септември кога истекува рокот за легализација на чамци...

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски денеска во работна посета на Капетанијата на пристаништата во Охрид одржа состанок на кој беа разгледани акционите планови за реализација на проекти кои се во надлежност на министерството. Тој истакна дека седум проекти кои биле дел од програмата на Владата на Република Македонија се одвивале согласно утврдената динамика која била предвидена. Јанакиески рече дека бродската линија од Охрид кон Поградец нормално се одвива и до сега биле направени осум тури со кои се превезени вкупно 630 патници.
Во рамки на посетата во Охрид, Јанакиевски ги повика сопствениците на чамци кои не се легализирани да ги легализираат до 3 септември кога истекува рокот за легализација на чамци.
Околу пешачката патека што е најавена дека ќе се гради од градското пристаниште до плажата Лабино, Јанакиевски рече дека таа била во фаза на изготвување на проектна програма.
За изградбата на марина на Охридското Езеро, Јанакиевски потенцираше дека доколку се биде според програмата таа би требало да биде готова до 2018 година.
„Досега се пдонесени 137 барања, од кои 95 барања веќе се прегледани, процесирани и за нив се очекува деновиве да се издадат решенија. Од тие 95, веќе 17 чамци се легализирани“, рече Миле Јанакиевски, министер за транспорт и врски.
„Немаме поголеми проблеми во спроведувањето на тие инспекциски контроли и оние прекршоци кои досега ги имаме изречено се во рамките на очекуваното. Гледаме на секој еден наш посетител, на секој турист да бидеме негов партнер, да помогнеме за нивното пријатно чувствување на езерото, меѓутоа безбедно однесување во истото“, рече Горан Устијановски, директор на охридската Капетанија.
