Клиника за ортопедија

Нов метод за операција на 'рбетен деформитет

17.08.2014 17:10

Досега во земјава 'рбетните деформитети се третираа со стари методи, со носење гломазни пластични корсети кои не придонесуваа за исправување на рбетот, туку само го стабилизираа. Сега интервенциите се изведуваат со импланти, штрафови кои се ставаат во пршлените.

Кај 15 годишна тинејџерка за прв пат е изведена операција на 'рбетен деформитет со нова метода.  Досега во земјва овие проблеми се третираа со стари методи, со носење гломазни пластични корсети кои не придонесуваа за исправување на рбетот, туку само го стабилизираа. Сега интервенциите се изведуваат со импланти, штрафови кои се ставаат во пршлените. За краток период животот на пациентите добива друга димензија, велат докторите.  

„Кај одредени болни може да стане збор за целосна корекција на деформитетот, а во однос на постоперативниот тек, пациентите вториот или третиот ден ќе можат да одат без користење корсети или други помагала. Целата хоспитализација не трае повеќе од 10-тина дена“, рече д-р Нерон Поповски од Kлиниката за ортопедски болести. 

Доколку овие деформитети не се третираат навреме можат да доведат до поголемо искривување на рбетот или на целото тело со што сериозно се попречува работата на срцето и белите дробови. Болеста  може да доведе и до инвалидитет. За овој тип интервенции во странство годишно до фондот стигаат по 20 барања, од кои  10-тина се одобруваат.

„Една ваква хируршка интервенција во странство чини од 35 до 50 илјади евра, во Македонија од 5 до 7 илјади евра. Со тоа ќе се направи сериозна заштеда на буџетот на Фондот, здравствените средства ќе останат во Република Македонија“, рече министерот за здравтсво Никола Тодоров.

Оваа метода е многу значајна за помладата популација, овозможува корегирање на деформитетите во најрана возраст од 14 до 15 години.

Покрај оваа метода на Клиниката за ортопедски болести се планира,  со помош на доктори од Истанбул, воведување  на  уште една нова интервенција.

Андријана Атанасовска