Најмалку 20 убиени во напад врз црква во Сирија
Ова е прв ваков напад по години кој се случува во момент кога новите сириски власти се обидуваат да спроведат власт низ целата земја, додека присуството на скриените ќелии на екстремистичките групи ги отежнува нивните напори.

Најмалку 22 лица се убиени, меѓу кои и деца, а 63-ца ранети откако бомбаш-самоубиец во Сирија отворил оган, а потоа детонирал и експлозив во грчка православна црква за време на неделна миса на периферијата на Дамаск. Ова е прв ваков напад по години кој се случува во момент кога новите сириски власти се обидуваат да спроведат власт низ целата земја, додека присуството на скриените ќелии на екстремистичките групи ги отежнува нивните напори. Сторителот е непознат, иако властите го обвинија ИСИС, сепак засега ниту една група не ја презеде одговорноста.
„Го осудуваме гнасниот и криминален бомбашки напад насочен кон црквата Мар Елијас. Доказите укажуваат на самоубиствен напад извршен од ИСИС што резултираше со голем број невини маченици и ширење страв меѓу мирните граѓани. Под директно водство на сириската држава, потврдуваме дека безбедноста на местата за богослужба е црвена линија. Сите напори ќе бидат посветени на обезбедување граѓаните слободно да ги практикуваат своите верски ритуали и на заштита на националното ткиво, кое непријателите и криминалците постојано се обидуваа да го растурат“, изјави Нуредин Ал-Баба, портпарол на сириското Министерство за внатрешни работи.
„Тимовите на цивилната одбрана сè уште го спроведуваат процесот на собирање на расфрланите останки и зачувување на некои важни предмети што би можеле да им помогнат на властите во идентификувањето на сторителот“, истакна Хасан Ал-Хасан, офицер за итни случаи во сириската цивилна одбрана.
