Македонија

Отчет за сработеното во првата година на Владата

23.06.2025 09:43

Мицкоски вчера на својот Фејсбук профил соопшти дека за една година покачиле пензии и плати, градат патишта, обезбедиле над 1.2 милијарди евра странски инвестиции и вработиле 1.000 полициски службеници и нагласи дека развојот е возможен и на дофат...

Отчет за сработеното во првата година на Владата ќе одржат вечерва владините претставници во Скопје. Премиерот Христијан Мицкоски вчера на својот Фејсбук профил соопшти дека за една година покачиле пензии и плати, градат патишта, обезбедиле над 1.2 милијарди евра странски инвестиции и вработиле 1.000 полициски службеници и нагласи дека развојот е возможен и на дофат, а најдоброто допрва доаѓа, плодовите на работата на Владата допрва ќе се чувствуваат.

Имаме уште многу работа, свесни за предизвиците на секојдневието и реалните проблеми на граѓаните, како што знаеме дека вие сте свесни што наследивме, дека чуда не се можни преку ноќ и дека не е лесно, но со истрајност, заедништво, труд и јасен план потпрен на темелите на развој кој ги поставуваме минатава година, развојот е возможен и на дофат, најдоброто допрва доаѓа, плодовите на нашата работа допрва ќе се чувствуваат. Секогаш блиску до народот и за граѓаните. Утре се гледаме на отчетот на првата година од Владата на промени во 20:00 часот. Една година од новиот почеток, една година градење темели, една година за тебе! Доаѓа Времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените, истакна вчера Мицкоски.

Собранието на 23 јуни минатата година со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра Владата, на чело со Мицкоски. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ. Во Владата има вкупно 20 министерства. Покрај премиерот, има уште 23 вицепремиери и министри.

Христијан Мицкоски е 13-тиот премиер, кој ја предводи 20-тата влада од осамостојувањето на државата.