Израел и Иран продолжуваат со меѓусебни напади, светските лидери со повик за деескалација
Блискиот исток на работ на амбисот. Ден по американскиот напад на иранските нуклеарни постројки, Техеран и Тел Авив продолжуваат со меѓусебни бомбардирања. Иран јавува за жртви, во Израел има ранети цивили. Стејт департментот издаде глобално предупредување за американските државјани. Вашингтон бара од Пекинг да го предомисли Иран во намерата за затворање на Ормитскиот теснец...

Ден по американскиот напад врз иранските нуклеарни постројки, Иран и Израел продолжија со размена на оган. Двете страни јавуваат за повредени, Техеран пријави и жртви. Нетанјаху вели-многу сме блиску до постигнување на целите.
„Кога тие ќе бидат постигнати, операцијата ќе заврши, а борбите ќе престанат. Се движиме напред за да ги постигнеме овие цели и многу сме блиску до нивно постигнување“. Изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Вашингтон тврди дека не е во војна со Иран и дека има обновена шанса да го следи патот на мирот. Доколку Техеран не склучи мир, Трамп предупредува на нови напади, па дури и алудира на промена на режимот.
„Значително го одложивме нивниот развој на нуклеарно оружје и тоа беше целта на овој напад. Ја одложивме нивната програма за многу долго време. Ова е ресетирање. Ова е можност за Иранците да го изберат паметниот пат“, изјави американскиот потпретседател Џ.Д. Венс • на САД.
„Не е политички коректно да се користи терминот „промена на режим“, но ако сегашниот ирански режим не може повторно да го направи Иран голем, зошто да нема и промена на режимот?“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
САД одлучија да ја уништат дипломатијата – обвини Иран и најави пропорционален одговор. Во советот за безбедност-дијаметрално спротивставени ставови.
„Времето, природата и обемот на пропорционалниот одговор на Иран ќе бидат одлучени од неговите вооружени сили. И овојпат ќе го покажеме своето достоинство, сила и величина пред светот“, изјави Амир Саид Иравани • ирански амбасадор во ОН.
„Оваа акција беше неопходност. Техеран ја користеше преговарачката маса како камуфлажа за купување време додека градеше ракети и збогатуваше ураниум. Немојте да се лажете, цената на неактивноста би била катастрофална“, истакна израелскиот амбасадор во ОН, Дени Данон.
„Преку своите постапки, САД ја отворија Пандорината кутија. Никој не знае какви нови катастрофи и страдања ќе донесат“, рече рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја.
Гутереш повика Иран целосно да го почитува Договорот за неширење на нуклеарно оружје, а сите земји-членки да дејствуваат во согласност со своите обврски според Повелбата на ОН. Меѓународната заедница со обновени повици за враќање на дипломатијата. Цените на нафтата се во пораст, САД побара од Пекинг да изврши притисок врз Иран да не го затвора Ормутскиот теснец.
Бојана Крстевски
