Извештајот на Вајц утре пред европратениците
Извештајот, првично, требаше да биде ставен на гласање на 4 јуни, но беше одложен на барање на Вајц поради притисоците од бугарските европратеници, кои не се согласуваат со тоа што во дoкументот децидно се наведуваат македонскиот јазик и идентитет.

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент утре треба да гласа за Извештајот за напредокот на Македонија на известувачот за земјава Томас Вајц.
Извештајот, првично, требаше да биде ставен на гласање на 4 јуни, но беше одложен на барање на Вајц поради притисоците од бугарските европратеници, кои не се согласуваат со тоа што во дoкументот децидно се наведуваат македонскиот јазик и идентитет. Вајц тогаш образложи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.
Во Извештајот на Вајц се нагласува потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се посочува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ. Се повикува на брз напредок во преговорите за членство во ЕУ и спроведување на уставните измени. Во документот постојат неколку референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.
Во пресрет на гласањето за извештајот во ЕП, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека очекува Извештајот на Вајц да биде усвоен и да се прати силна порака за македонскиот идентитет и јазик. Вели дека изминатиов период имало силен притисок од бугарски европратеници за измена на овој извештај во кој се говори за посебноста на македонскиот идентитет и јазик.
