Штип

Рекордна потрошувачка на вода - направена сметка од 30 илјади евра

17.08.2014 17:24

Штипското јавно претпријатие “Исар“ испорача сметка за вода во висина од 30.000 евра. Неа треба да ја платат 30-тина семјства од Штип кои во период од една година трошиле по 131.000 литри вода на ден. Семејствата негираат дека ја потрошиле водата.

Неверојатно висока сметка за вода испорача ЈП „Исар“ на 30 социјални семејства во Штип. За една година, тие потрошиле вода во вредност од 1.700 000 денари или речиси 30 000 евра.

“Ова значи дека тие трошеле вода за 4.600 денари дневно. Со сегашната цена на водата од 35 денари, тоа значи дека потрошиле во просек  по 131 м/3 вода, односно по 131.000 литри дневно“ вели Ангел Бојаџиев, директор на ЈП „Исар“.

Пред да ја испорачаат сметката, од јавното претпријатие извршиле детална контрола за да утврдат, дали евентуално, големите количини на вода на истекле поради дефект или некоја друга причина.

„Ги исклучивме расипаните водомери како појава, водата не е истечена во канализација, нема никакви дефекти. Се работи за нерационална потрошувачка на вода“, категоричен е Бојаџиев.

Но, вака високата сметка не ја признава никој од семејствата:

„Трошиме само за основни потреби, за пиење или перење, не можеме да одиме валкани“,  вели Осман Демиров. 

„Ние имаме само три чешми овде, како можеме да потрошиме 30.000 евра, немаме ниту купатило, ниту можеме да се избањаме“, истакна Асан Аснанов.

„Никој не кажува дека чешмите имаат дефект и водат истекува на тој начин“, дополнува Хондо Асанов.  

Ова е досега највисока сметка што „Исар“ ја има испорачано на приватни лица. Останува само да се види дали и како ќе успее да ја наплати.

Оливера Жежова